Со свечено доделување на награди започна 21 Меѓународен салон на стрип „Велес 2024“(Видео и фото)
„Стрипот во новата визулена ера, во која што живееме, за младите веќе не е уметност од маргините туку рамнопрестолен медиум или платформа за мултимодел за комуникација,“ потенцира, вчера вечер, д-р Бошко Караџов, професор по филозофија и самостоен научен истражувач во областа на графичката литература на свеченото отворање на 21 Меѓународен Салон на стрип „Велес 2024“.
Караџов во име на жири комисијата, годинава составена од уште двајца членови, Ване Трајков, директор на Стрип центар на Македонија, сценарист и инструктор за теорија на стрип и Горан Мазнев, стрип артист соопшти дека од рекордни пристигнати стрипови на 351 автори, од 17 земји, добитник на првата награда „Златен стрип“ е стрипот „РЕВОЛВЕР“ на Војдан Андонов, кој е автор на сценарио и Цанко Стефанов автор на цртеж од Македонија.
Втората награда ја доби стрипот „ВЕРА И НЕВЕРА“ на Марко Стојановиќ, сценарио, Милан Јовановиќ и Дражен Ковачевиќ, поставки , Владимир Алексич цртеж и Аљоша Томиќ, колор, од Србија.
Третата награда му припадна на стрипот „КОЦКАЊЕ СО ЖИВОТ’ на авторите Никола Видачковиќ, сценарио и Драган Павасовиќ, цртеж, од Србија
За најдобар стрип на македонски автори наградата ја освои стрипот „СИ БЕШЕ ЕДНАШ ЕДЕН ЧОВЕК“ на авторите Александар Стеванов, сценарио и Дарко Богданов, цртеж.
За најдобро сценарио е награден стрипот „АНАЛИЗА НА СМРТТА“ на авторот Марко Стојановиќ, од Србија, за најдобар уметнички израз наградата ја доби стрипот “STARGAZER 256” на авторката Даша Конопатова, од Русија, за најдобро сценарио на Македонски јазик е награден стрипот „НИЕ ШТО СЕ БОРИМЕ СО БОГОВИ“ на авторот Војдан Андонов, од Скопје.
Во категоријата на стрип автори, ученици во основно образование, беа прогласени од Македонија Теона Маркоска, од Тетово за стрипот „КАКВО КОЛО НАОКОЛУ!“ и надвор од државата Вук Стојановиќ од Лесковац, Србија.
Во категоријата на стрип автори, ученици во средно училиште, за најдобар стрип од Македонија е стрипот на Теодора Христова, од Битола, за најдобар стрип надвор од Македонија е стрипот на Огњен Стојановиќ, од Србија додека пофалница доби и Вилма Дамњановска.
На 21 Меѓународен салон на стрип „Велес 2024“ признанието за дебитант и припадна на Сандра Костовска, од Скопје додека за најмлад учесник на Марко Купенков, од Скопје.
Со Признание за соработка, организаторите на културната манифестација ги наградија „Парагонс Комикс“од Скопје, Македонија; Лесковачка школа стрипа „Никола Митровиќ Кокан“, од Србија; Здружение „Хрватски авторски стрип“ од Загреб, Хрватска; Школа за стрип и илустрации од Будва, Црна Гора и Школа за стрип и илустрации од Тиват, Црна Гора од каде стигнаа голем број на стрипови коишто учествуваа на конкурсот и влегоа во избор за наградите.
Свеченото отворање на манифестацијата, којашто финансиски е поддржана од Министерство за култура и Општина Велес, се одржа во Јуроп Хаус Велес.
Директорот на Стрип центар Македонија, Ване Трајков го најави и почетокот на Стрип колонијата којашто се одржува од денеска во Спомен куќа на Касапови.
Колонијата завршува во недела на 25 август и го означува крајот на годинешното одржување на културната манифестација.
Убавка Јаневска