Три вечери на македонска музика и фолклор во Младински парк
Вечер на староградска песна, целовечерен концерт на Ансамбл „Керамичар“ и Фолклорни смотри ќе бидат организирани на 7, 8 и 10 септември, годинава, во Амфитеатарот на Младински парк во Велес. Распеани велешани и нивни гости, на 7 септември, во четврток, ќе настапат на вечерта на старогардски песни.
Велешани во петок, на 8 септември, ќе можат да уживаат во песните и ората на целовечерниот годишен концерт на Ансамбл „Керамичар“ насловен „Фолклорот е нашата љубов“. Играорците на „Керамичар“ од третата, втората и првата фолклорна група ќе имаат за цел да им пружат вистинско уживање на присутните велешани со шест разни кореографии. За време на концертот публиката ќе има можност да ужива и во настапите од ФГ „Беломорски ветрец“ од Копривлен, Република Бугарија како и гостите од КУД „Тодор Јанев“ од Чашка и оркестарот за традициски инструменти при ООМУ „Стефан Гајдов“. Годишниот концерт ќе започне во 20:00 часот.
Сојуз на фолклорни ансамбли на Македонија ги организира и „Фолклорните смотри – источен регион 2023“ кои ќе се одржат на 10 септември, во недела со почеток во 11:00 часот на истата локација. Фолклорните смотри ќе бидат поделени во три блока. Во првиот блок ќе настапат КУД „Коле Неделковски“ од Велес, Куд „Младост“од Јосифово, КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица и специјални гости ќе бидат ОТИ при ООУМ „Стефан Гајдов“ од Велес.
Во вториот блок први ќе настапат КУЗ „Карпош“ од Крива Паланка, ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево и АТМИ „Митко Алексов“ од Кочани. Третиот блок ќе започне со специјалните гости на фолклорните смотри, поточно, ФГ „Беломорски ветрец“ Копривлен, Република Бугарија, потоа ЗФГ „Копачка“ од Драмче, КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово и последни коишто ќе ги затворат фолклорните смотри се играорците од Ансамбл „Керамичар“ од Велес.
Стефани Манева