Успешно завршен првиот меѓународен стрип натпревар, прогласени победниците
Дваесет и седум автори од Белгија, Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Украина и Кина беа дел од финалето на Меѓународниот натпревар на историски стрипови којшто се одржа во период од март до јуни, годинава. Големата награда на првто издание на овој конкурс „Can for Balkans“ ја освои Ражван Бронеску од Романија со делото „Аурел Петреску, пионерот на романската анимација“.
Првата награда му припадна на романскиот уметник Јонут Попеску за стрипот „Балкан засекогаш“. Коста Миловановиќ ја освои втората награда за стрипот „И тројцата пријатели се…“, стрип инспириран од неговиот личен живот во периодот на почетокот на граѓанската војна (1991 година), која го затекна како старешина во југословенската морнарица. Третата награда ја доби стрипот „Ветерот“, дело на сценаристот Марјан Миланов и автор на цртежи Срдан Тодоровиќ, на тема инспирирана од трагедиите на битките на српско-бугарската граница во зимата 1915 година.
-Сите избрани стрипови се создадени специјално за овој натпревар. Покрај уметничкиот квалитет и историската документација, други важни критериуми за оценување беа оригиналноста и начинот на кој се почитуваше темата, особено изборот на теми со пораки за помирување, мир и градење доверба, толеранција и почит. Меѓународното жири го формираше проф. Адријан Чиоројану (Романија), историчар, дипломат, автор на стрип сценарија и универзитетски професор, проф. Ардијан Исуфи (Албанија), уметник, декан на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот за уметности Тирана (2016-2020), Етјен Шредер (Белгија), познат сценарист и стрип автор, Дражен Ковачевиќ, еден од најважните стрип уметници во Србија и Томе Трајков, промотор на стрипови од Македонија, пишува во соопштението на Стрип центар на Македонија –Велес.
Меѓународното жири додели и пет специјални признанија. Добитници се Аљоша Томиќ и Драган Стокиќ Рајачки од Србија за стрипот „Деда Рога“, Максимилиен Ван де Виле од Белгија за стрипот „Тузла“, Славица Купенкова од Македонија за стрипот „Одисеја“, додека Валентин Јонеску за стрипот „Другар Ракија“ и Влад Форсеа за стрипот „Балкански хумор против светот“ ја делат споменатата награда посветена на Романија.
И наградените дела и оние прифатени од жирито во финалето за прв пат ќе бидат претставени на Меѓународниот историски стрип фестивал во Брашов, којшто ќе започне од 13 октомври 2022 година, како дел од завршната изложба на европскиот проект.
Изложбата потоа ќе гостува во Тирана во месец ноември и во Брисел во декември годинава, додека следната година во февруари во Лесковац и во месец март во Велес.
Проектот „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking for Balkans“ финансиски е поддржан од Европската комисија преку Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA) во Брисел и се спроведува од март 2021 до март 2023 година.
Стефани Манева