Велес, денеска и утре, домаќин на 58 Рацинови средби
Со Меѓународна научна конференција насловена „Синтези: Рацин и Конески“ што ќе се одржи од 10 до 12:30 часот денеска започнуваат 58 Рацинови средби во родниот град на Коста Солев Рацин. Таа ќе се одржи во фоајето на театарската зграда „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес . Потоа следува промоција на научни дела испечатени во периодот меѓу двете конференции. Организатори на овој настан се Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот за македонски јазик при Владата на РСМ и Општина Велес.
Чествувањето продолжува во 17:30 часот на Спомен – костурница со положување на цвеќе и поетски перформанс со поети од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“. Таму млади садници во „Шумата на Рацин“, ќе засадат годинешните добитници на Рациново и Почесно Рациново признание за 2021 година.
Во 18:40 часот, учесниците, организаторите и граѓаните почит ќе оддадат пред споменикот на Рацин на Плоштад Центар и пред СОУ „Гимназија Кочо Рацин“.
Во зградата на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, во 19:00 часот, ќе започне свеченото отворање на 58 Рацинови средби, на кое Градоначалникот Аце Коцевски ќе има поздравно обраќање. Потоа Беседа за Рацин ќе одржи проф. д-р Атанас Вангелов по што ќе следува Меѓународен поетски митинг.
Со настап на Вокално-инструменталниот ансамбл НУ Ансамбл на народни игри и песни „Танец“ ќе заврши првиот ден од културно поетската манифестација посветена на ликот и делото на Коста Солев Рацин.
Во сабота, на 12 јуни, годинава чествувањето на великанот Рацин продолжува со промоцијата на најновата книга на поетот Игор Крајчев „Лудило. Писма. Откровение“ што ќе се одржи со почеток во 12:00 часот во Ликовен салон.
Потоа во спомен куќата на Коста Солев Рацин ќе се одржи промоција на збирка поезија од проектот „Млади поети 2020: „Битисување од љубов“ во издание на Агенција за млади и спорт. Промоцијата ќе започне во 17:30 часот.
Потоа во 18:15 минути во фоајето на театарската зграда „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ следува „Велешка винска приказна со големиот Рацин“ поточно промоцијата на виното „Рацин“ на винаријата „Шато Сопот.
Свечено затворање на 58.Рацинови средби ќе започне во 19:00 часот со прикажување на портретите на добитниците на годинешните добитници на наградите како и со врачување на наградите „Почесно Рациново признание“Ала Генадјевна Шешкен, руски славист и македонист од Руската Федерација и „Рациново признание 2021“ на писателот Милован Стефановски. На присутните преку видео обраќање ќе им се обрати добитничката на Почесното Рациново признание Генадјевна Шешкен додека лично Милован Стефановски.
Во чест на годишните добитници на признанија ансамблот на велешки театар премиерно ќе ја прикаже претставата „Петтото годишно време“.
Одбележувањето на 58-те Рацинови средби завршува со Традиционална посета на местото на погибјето на Рацин на Лопушник со традиционалниот марш за Рацин организиран од Здруженија на граѓани што ќе се одржи на 13 јуни, во недела.
Убавка Јаневска