Велес е подготвен за јубилејните „60 Рацинови средби“, општината издвои 600 илјади денари а министерството за култура само 204 илјади денари (фото и видео)

Објавено на 5 јуни, 2023 во 15:51

Јубилејните 60 „Рацинови средби“ ќе траат седум дена и ќе имаат далеку поголем број на културни програмски целини од досега. Културно поетската и литературна манифестација,годинава, во родниот град на поетот ќе започне на 9 јуни и ќе заврши на 15 јуни. Родната куќа на Рацин е избрана за почеток на средбите иако свеченото отворање на јубилејната манифестација ќе се одржи на платото на Спомен костурница, во сабота, на 10 јуни. Затворањето на манифестацијата е планирано за Амфитеатар на Младински парк, во четврток на 15 јуни, со почеток во 20 часот. Научниот симпозиум годинава ќе се одржи во зградата на Народен Музеј. Во чест на Рацин ќе се одржи и атлетската трка „Трката за Рацин“ како и уште неколку други целини.

Градоначалникот Марко Колев,на денешната прес конференција, упати покана до сите сограѓани како и граѓани од соседните градови, до вљубениците во пишаниот збор, научни истражувачи и почитувачи на ликот и делото на великанот Коста Солев Рацин сите заедно да го чествуваат големиот јубилеј на манифестацијата.

Александра Андреева подетално ја соопшти Програмата на јубилејните „60 Рацинови средби“.

На новинарско прашање, Андреева одговори дека за годинешното, јубилејно, чествување на ликот и делото на великанот Коста Солев Рацин, општина Велес издвои буџет од 600 илјади денари. Со дополнителните нематеријални средства вкупниот износ обезбеден од страна на општина Велес изнесува 1.000.000 денари но не ги доби бараните 620 илјади денари од Министерството за култура. Државата преку министерството издвои само 204 илјади 236 денари  што е помалку за скоро 40 отсто од минатогодишните финансиски средства.

Исто така, одамна се нема случено министер или заменик на ова министерство како и владини претставници да присуствуваат на манифестацијата со која Велес го чествува ликот и делото на великанот Коста Солев Рацин.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.