Велешки Театар премиерно ќе ја прикаже претставата „Вечера за глупаци“ на фестивалот „5ре“
Комедијата „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов е првата премиера за оваа година којашто велешки Театар „Ј.Х.К Џинот“ ја подготвуваше во изминатиот период. Според директорот на театарот Сашо Димовски во оваа претстава се комбинира комедијата на карактери со комедијата на ситуации.
-Јас сум сигурен дека публиката ќе ужива во оваа комична фабула. Затоа ја повикувам публиката да ни се придружи на премиерата но и во понатамошните репертоарни изведби, додаде Димовски.
Во претставата учествуваат актерите Фаик Мефаилоски, Благочје Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Кире Ацевски, Сандра Танчева и Јордан Витанов. Комедијата е работена според текст на Францис Вебер, сценографијата ја потпишува Филип Коруновски, костимите Раде Василев додека музичкиот избор е на Ненад Витанов.
Актерот Фаик Мефаилоски сподели дека подолг временски период нема работено претстава којашто е комедија и додаде дека враќањето на овој жарн е благодорен како за нив така и за публиката.
-Минуваме низ еден одличен, супер – забавен процес работејќи на оваа комедија. Ја поканувам публиката да дојде да ја гледа оваа претстава и слободно можам да кажам дека оваа претстава многу долго ќе живее на велешката сцена но се надевам и на други сцени низ државата и надвор од неа, додаде Мефаилоски.
Претставата премиерно ќе биде изведена на 20 март, среда, со почеток во 20:00 часот, со што и свечено ќе се отвори фестивалот на комедија „5ре“ којшто годинава се организира по трет пат и ќе трае до 31 март.
Билетите за претставата се пуштени во продажба и може да се купат од билетарата на велешкиот театар „Џинот“ по цена од 200 денари.
Првата реприза на „Вечера за глупаци“ е предвидена за 27 март, среда, со што ќе се одбележи Меѓународниот ден на театарот.
Стефани Манева