Заврши 22-от Меѓународен стрип салон и петата стрип колонија „ВЕЛЕС 2025“
Објавено: 25 август, 2025, во 12:13 часот
Во живописното село Нежилово, во близина на Велес, со креативна и инспиративна атмосфера, успешно се одржа 5. Меѓународна стрип колонија, традиционално организирана од Стрип центарот на Македонија – Велес. Колонијата беше дел од програмата на 22. Меѓународен стрип салон „Велес 2025“, кој заврши деновиве со богата програма и меѓународно учество.
Оваа година, стрип колонијата собра уметници од три држави – Србија, Бугарија и Македонија. Од Србија учествуваа познатите автори Владимир Весовиќ, Ивица Сретеновиќ и Срѓан Тодоровиќ, додека од Бугарија дел од колонијата беа Боб Клисурски, Венцислав Крстев и Христо Тренев. Македонија ја претставуваа Методија Стојановски (Куманово), Ангела Петрушевска и Елена Апостоловска (Скопје), како и велешките уметници Меланија Стојанова, Тамара Николова, Симона Митреска и Горан Мазнев.

Во текот на неколкудневната колонија, учесниците имаа можност за заедничко творење, размена на искуства и уметнички дијалог, под менторство на реномираниот стрип автор и педагог Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија. Неговиот ангажман, заедно со посветеноста на организацискиот тим, придонесе за високото квалитетно ниво на создадените дела.
Завршувањето на колонијата официјално го означи и крајот на 22. издание на Меѓународниот стрип салон „Велес 2025“, културен настан што годинава уште еднаш го потврди статусот на Велес како еден од главните центри на стрип културата во регионот.

Салонот и колонијата беа финансирани од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Општина Велес, кои продолжуваат да даваат поддршка на културните настани од меѓународно значење.
Стефани Манева


