Активисти на Левица, денеска, на Лопушник во чест на 81 годишнина од смртта на Кочо Солев Рацин
Пред 81 години, на денешен ден, загина македонскиот великан и поет на револуцијата, Кочо Солев Рацин. Активистите на Левица од Велес, денеска, им се придружија на ултрамаратонците кои што во изминативе четири дена поминаа над 150 километри и положија цвеќе на врвот на Лопушник, како и на местото на неговото погибје.
„Коста Солев Рацин (1908 – 1943) е еден од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто. Најпознат е по својата збирка песни „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на современата македонската литература,“ пишува во соопштението на Левица.
Исто така во соопштението е пренесен и цитат на истакнатиот македонски книжевен, културен и јавен работник, академик Блаже Конески за ликот,делото и значењето на Кочо Солев Рацин
„Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го кажал Рацин за богомилите не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник – грнчар со упорно самообразование се издигна така високо“, Блаже Конески.
Убавка Јаневска