Апел на учениците од ООУ„Блаже Конески“ Велес: „Бизнисмени помогнете им на нашите другарчиња со попречености да учат колку и ние“ (фото и видео)

Објавено на 9 октомври, 2024 во 13:45

Сите ученици од четврто одделение, нивните одделенски наставници и наставниците по физичко образование во ООУ„Блаже Конески“ денеска на теренот во спортската сала спортуваа со единствена цел да го привлечат вниманието на бизнис заедницата во Велес од која очекуваат да им помогне во набавката на асистивна компјутерска технологија за потребите од полесно совладување на знаењата за вкупно 20 нивни другарчиња со попреченост и со посебни образовни проблеми. Но на трибините наместо бизнисмените седеа ученици и наставници. Првите ги бодреа своите другари од повисоките одделенија додека вторите се грижеа за редот и дисциплината на трибините.

-Испративме покани со апел за помош и иако ги нема, сепак засега од две фирми добивме ветување дека ќе не поддржат. Можеби ќе се јават и други па затоа ова другарство и поддршка што ја гледате на трибините им значи многу на нашите ученици кои имаат потреба од
асистивната компјутерска технологија, рече Марија Марија Јорданов која е специјален
едукатор и рехабилитатор на ООУ„Блаже Конески“ Велес.


Пет ученици со попреченост и 15 ученици со посебни образовни потреби посетуваат настава во ООУ„Блаже Конески“. За нив е потребно наставата да биде прилагодена според нивните потреби и можности. Наставниците подготвуваат различни прилагодувања во образовниот процес за тие да можат полесно да успеат во совладување на одредени содржини, вештини и знаења но приоритетно потребна им е асистивна компјутерска технологија. Неа училиштето ја нема па затоа останатите ученици заедно со наставниците денеска ја одржаа хуманитарната активност и повторно ја повикаа бизнис заедницата да им помогне во настојувањето да ја обезбедат.

Доколку бизнисмените и нивните компании во Велес одлучат да помогнат тогаш со нивните донации ќе се купат потребните компјутер или лап топ на тач, тастатура која поседува различни бои со поголем фонд и поголем број на копчиња, посебни џоистици за децата со телесна попреченост како и звучни асистивни уреди за учениците кои се глуви за да ги восприемаат дразбите од надворешната средина преку вградениот кохлеарен имплант.

Најосновните асистивни уреди чинат само 100.000 денари но помошта што бизнисмените можат да ја дадат, како општествено одговорни личности,  на учениците во ова училиште ќе им значи многу повеќе. Поточно, поедноставно ќе го совладуваат градивото и лесно ќе можат да ги стигнат со знаење останатите ученици во училиштето.

Убавка Јаневска  

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.