Бесплатни студии, поволност, за редовните бруцоши на Технолошко – технички факултет во Велес

Тоа е поволноста на Технолошко – техничкиот факултет во Велес, којшто за прв пат, годинава, ќе им ја овозможи на бруцошите на двата смера Нутриционизам и Прехранбена технологија и биотехнологија. Студентите во прва година нема да плаќаат партиципација што чини по 6.150 денари по семестар.

Оваа новина што ќе се воведе во образовниот процес на факултетот беше соопштена на денешниот отворен ден. Вратите на објектот на високо образовната институција во нашиот град, што се наоѓа во поранешниот Хотел „Вила Зора“, денеска, беа отворени за сите заинтересирани матуранти од четирите средни училишта во градот. Отворениот ден се организираше преку две посети, првата за средношколците од економското училиште „Јовче Тесличков“ и „Гимназија Кочо Рацин“, втората пак за учениците од хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ и „Коле Неделковски“.

-До сега на нашиот факултет се имаат запишано повеќе од 2000 студенти, а годинава за прв пат ќе имаме и студенти коишто ќе докторираат, поточно ќе го завршат третиот циклус на студии на смерот „Иновативни технологии за храна и нутриционизам“. Нашата порака, денеска, до матурантите и наши идни студенти од септември, е дека иднината на нашата држава е во производството на храна, со тоа е зголемена и побарувачката за едуциран кадар од областа на прехранбрената технологија и биотехнологија како и нутриционизмот. Тоа е голема предност за нив, но и за нас, бидејќи тие профили ги нуди единствено нашиот факултет во цела држава па и некои соседни земји, рече проф. д-р Татјана Калеска, Деканка на Технолошко – техничкиот факултет.

Велешкиот факултет на сите студенти покрај детално изучување на теоријата од предвидените предмети во семестрите им овозможува и практична работа во четирите лаборатории коишто се наоѓаат во самиот факултет и се опремени со софистицирана опрема.

Инаку, факултетот за прв пат е отворен во 2008 година со една студиска програма поточно „Прехранбена технологија и биотехнологија“. Петнаесет години подоцна, факултетот ќе прослави јубилеј со збогатена програма во три студиски циклуси, додипломски, магистерски и докторски. Исто така, факултетот со седиште во Велес е дел од Унивезитетот „Св. Климент Охридски“ и има дисперзирани студии во Битола.
Стефани Манева
