Брза помош Велес извршила вкупно 1.026 прегледи во амбуланта и на терен за само девет дена во новата година
Зголемен е бројот на прегледи во Итна медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес. За само девет дена од почетокот на новата 2024 година, лекарите од Брза помош Велес прегледале вкупно 1.026 пациенти во амбуланта и на терен. Поточно, 755 граѓани побарале лекарска помош и биле прегледани во амбулантата на Брза помош Велес и 271 прегледи биле извршени на терен.
Началничката на Итна медицинска помош Велес, д-р Васе Поп Стефанова Панова, вели дека од почеток на новата година, владее вироза и најчесто во амбуланта доаѓаат граѓани коишто се жалат на покачена температура.
-Од први јануари, годинава, зголемен е бројот на прегледи како во амбуланта така и на терен. Граѓаните коишто во изминатите денови доаѓаат во амбуланта, најчесто се со покачена температура бидејќи во моментов владее вирус кој има симптоми на настинка, кашлица и температура. Но, покрај нив, доаѓаат и хронично болни пациенти со покачен крвен притисок, отежнато дишење и задишување и слично, додаде Поп Стефанова Панова.
Инаку, во истиот период, лекарите како во амбуланта така и на терен извршиле вкупно 1.207 услуги. Во амбуланта биле извршени 826 улуги додека на терен 381. Под „услуги“ се подразбира преврски на рани, аплицирање на инјекции и слично.
Стефани Манева