Општина Чашка има потенцијален турски инвеститор за фотоволтажни панели и најава за рестарт на погонот на велешки „Киро Ќучук“
Еден блок државна земја што се наоѓа во близина на Оранжериите за раноградинарски култури на излезот од населба Чашка ќе треба да се пренамени во индустриска зона. Сега со него стопанисува концесионер но општината се подготвува за експропријација на површината и да ја пренамени во индустриска зона.
– Секоја општина го планира сопствениот развој преку развивање на стопанството за да се генерираат работни места за граѓаните. Наредната година очекуваме да ја добиеме дозволата за работење на индустриска зона. Таа ни е особено потребна по последната посета на градот Каршијака во градот Измир, Република Турција остварив средба со тамошни бизнисмени, исселеници од селата Горно Врановци и Мелница. Тие потекнуваат од нашата општина и пројавија интерес за инвестирање. Една фирма е со сериозни намери. Таа сака да инвестира во индустриската зона во Чашка со инвестиција насочена во производство на фотоволтажни панели и вработување на 50 граѓани, рече Градоначалникот Горан Стојановски.
Индустриската зона во Чашка ќе биде наменета исклучиво за лесна и незагадувачка индустрија бидејќи во планираниот економски развој локалната власт не отстапува од определбата за зачувување на животната средина. Чашка по територија е една од најголемите и еколошки најчистите општини во државата.
Во тој концепт влегува и очекуваното рестартирање на производството во погоните на поранешната фабрика за тули и ферт гредички на велешки „Киро Ќучук“ чиј сопственик сега е струмичката компанија „Еленица“.
– Имав средба со сопственикот Трајче Заев . Тие во моментов бараат партнер и преговараат со две до три фирми од таа дејност за рестартирање на производството на монти како и за керамиди. Анализите на мострите што ги земале од глиништето и ги однеле во референтни лаборатории во Европа се со резултати кои покажуваат дека глината е мошне квалитетна. Самата инвестиција според проценките на „Еленица“ ќе чини 15 милиони евра па затоа им се потребни партнери, додаде Стојановски./У.Ј