Маркација на планински предели и туристички места во Вардарски плански регион
Ќе се одбележуваат десет планинарски патеките во должина од 139 километри до планинарските домови , манастирите, планинските масиви и до историските и културните знаменитости во Вардарскиот регион. Ќе се постават патокази , показни табли , рекламни паноа и билборди со основните податоци за пределот во кој се наоѓаат. Проектот на планскиот регион има за цел да одбележи и да постави урбана опрема на седумте најатрактивни патеки ,од кои дури четири се во општините Велес и Чашка.
– Со проектот се предвидува да се изврши маркација на патеката до планинарскиот дом Чеплес, потоа од домот до врвот Солунска глава . Во реонот на општина Чашка маркација ќе биде извршена и на патеката до изворите на реката Бабуна и до планинарскиот дом Ораов Дол. Во општина Демир Капија ќе биде одбележана кружната патека до пештерата Горни Змејовец, потоа патеката од Неготино до Кожув и до планинарскиот објект Драгаја, рече Татјана Темелковска од Вардарски плански регион.
Со реализацијата на овој проект се очекува да се привлече поголем интерес на љубителите на природата и да се зголеми бројот на домашните и странските туристи.
Лани во планинарските објекти во Вардарскиот плански регион претстојувале повеќе од 20.000 домашни и странски туристи. Тринаесетте планинарски домови и десетината менастири, колку што ги има во овој регион, располагаат со капацитет од 390 легла./Б.Н
