Четири се грижат за 38 дечиња а штрајкуваат 148 вработени во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ во Велес

Празни занимални, соби и спални денеска во велешката градинка. Родителите кои ги користат услугите од згрижување на своите деца денеска не ги донеле своите деца. Поточно само 38 од вкупно 1.200 кои не можеле да обезбедат грижа додека се на работните места ги предале децата на четири вработени, со договор, и тие наместо редовните воспитувачки и негователки се грижат за нив. Овие вработени се единствените кои не учествуваат во генералниот штрајк на СОНК. Останатите 148 нивни колеги во осумте објекти, шест во градот и по една во село Караслари и во Градско, штрајкуваат.
Дечињата од Велес, без разлика што се од различни објекти, денеска престојуваат во централниот објект на општинската јавна установа, додека нивните воспитувачки и негователки како и техничкиот персонал се на работните места но не ги извршуваат работните задачи.

Во услови на штрајк директорката на градинката Маја Велиновска вели дека постапува според препораките на министерството кое побара сите градинки да ги згрижат децата притоа почитувајќи ја определбата на колегите.
-Утрово постапив според препораките на синдикалната организација и откако згриживме 38 деца во објектот „Сонце“, кај Жаба зграда, исто така постапувам според инструкциите на министерството за труд и социјална политика за обезбедување на персонал којшто во услови на штрајк ќе ја превземе работата за грижа околу децата. Општина Велес позитивно одговори на барањето за што во моментов ја пријавувам потребата од работници во Агенцијата за вработување. Додека колегите штрајкуваат се бара заменска работна сила во објектите на ОЈУДГ„Димче Мирчев“, додаде Велиновска.

За синдикалната организација тоа што денеска во градинката се донесени само 38 деца од вкупно 1.200, згрижени во осумте објекти на локалната установа, значи дека родителите ги поддржуваат вработените во намерата за остварување на работничките права.
Убавка Јаневска
