Д-р Чолакова Дервишова: Не може да не се преговара за висината на цената на трудот на здравствените работници
Приватните лекари во државата протестираат. Тие од денеска до среда, 7 септември, се на работните места но не издаваат здравствени услуги. Така одлучи Управен одбор на Здружението на приватни лекари со цел да се остварат децениските барања за промени на дестимулативните правилници на Фондот за здравствено осигурување и да се покачи бодот на пациенти на ПЗУ, особено на рурални доктори ,на специјалисти и на лаборатории.
-Бараме да се сменат многу нешта. Две медицински сести во Велес, претходно вработени во амбулантата на др Душанка и др Солева , останаа без работа по заминувањето на докторките во пензија.Во постапка на пензионирање се уште докторки на две други амбуланти. Не треба на улица да останат уште четири медицински сестри. Барањата ни се суштински. Потребна е Методологија на пресметка на покачувањето на бодот и да не се повтори случајот од времето на министерот за здравство Бујар Османи кога по постигнатиот договор за покачување на бодот од 45 на 50 денари парите наместо кај приватните лекари завршија во тогаш отворена приватна болница па имаше протест за да се врати веќе постигнатата цена на бодот. Со промена на одлуката повторно го вратија бодот од 50 денари, рече претседателката на приватни лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова.
Приватните лекари бараат со Министерството за здравство и ФЗОМ да подготват Методологија за пресметка на бодот којашто ќе се носи со инфлацијата и реално ќе ги пресметуваа трошоците на приватните амбуланти. Само така ќе се овозможи непречена работа и издавање на квалитетни здравствени услуги на пациентите.
Министерот за здравство Беким Сали не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари со образложение дека не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии. Д-р Чолакова Дервишова смета дека министерството од 7 април до денеска имало доволно време за конкретни чекори.
-Ние имаме договори со ФЗОМ. Како плаќач на трудот на здравствените работници пет години не се случија преговори со фондот независно дали се во прашање матични лекари, приватни лаборатории, педијатри итн. Не може да не се преговара за висината на цената на трудот. Ние би биле среќни да си пружиме рака суштински за две до три нешта. Иако министерот Сали кажува дека не не поддржува ние го поддржуваме него. Очекуваме почитта кон колеги да е на високо ниво затоашто и Сали е дел од нас. Сакаме сега да ги направи реформите што ќе се практикуваат и кога тој ќе се врати во здравството, додаде д-р Чолакова Дервишова.
Матичните лекари очекуваат дека државата само со квалитетни реформи во здравството ќе може да очекува да ги задржи младите лекари, задоволни здравствени работници и задоволни пациенти.
Убавка Јаневска