д-р Нешова Пановски: Граѓаните да бидат внимателни на пеколните температури и повторната вирулентност на корона вирусот
Топлиот бран со температури и над 40 степени целзиусови којшто започна денеска, а ќе трае до недела, е сериозен и сите граѓани треба да бидат максимално внимателни. Во временски период од 10:00 часот до 18:00 часот доколку граѓаните немаат сериозни обврски, препорачливо е да не излегуваат и да останат во својот дом. Внесување на повеќе течности како и редовно земање на терапија од страна на хронично болните граѓани се дел од препораките коишто денеска за Дума.мк ги сподели д-р Славица Нешова Пановски од Итна медицинска помош.
-Оние граѓани коишто се со хронична терапија и коморбидитети редовно да ја земаат препишаната терапија. За сите граѓани важно е да не излегуваат од дома, од работните места во период од 10:00 до 18:00 часот. Помладите сограѓани но и повозрасните да внесуваат повеќе течности за разладување. Исто така, препорачливо е да се избегнуваат и многу контакти со луѓе бидејќи бројот на заболени со коронавирусот повторно започна да се зголемува. Тоа значи дека сите треба да бидеме особено внимателни, додаде д-р Нешова Пановски.
Деновиве зголемен е бројот на повици во Итна медицинска помош во Велес. Според д-р Нешова Пановска тоа се должи повеќе на вирулентноста на корона вирусот. Како најчест симптом на којшто се жалат граѓаните е покачена температура.
Стефани Манева