Далиборка Златева, Европска жена за 2024: „Да создадеме свет во којшто сите граѓани ќе се чувствуваат подеднакво добро“
Жената којашто, посветено, цели 26 години од својот живот работи во граѓанскиот сектор во Велес на подигнување на јавната свест на граѓаните за правата и потребите на лицата со церебрална парализа и други попречености е добитник на наградата Европска жена за 2024 година во Македонија. Тоа е Велешанката Далиборка Златева позната по промените што таа и здружението на граѓани чија претседателка е ги прават за членовите кои се лица со церебрална парализа, даунов синдром, интелектуална попреченост и други комбинирани попречености, нивни родители и старатели. И не само за нив туку и за граѓаните кои од различни причини останале не видливи или не слушнати во локалната заедница и во Вардарски плански регион.
Оваа Европска жена за 2024 година ја прашавме како се чувствува пет дена по добиената награда од Делегација на Европска Унија во Македонија.
За номинацијата од страна на Европска куќа Велес, таа да биде една од предложените три кандидатки коишто создаваат успешни приказни и прават промени во локалната заедница Златева вели дека ја примила со изненадување и прашање: „Зошто токму таа!?“.
Целосна посветеност на каузата на којашто работат и упорност за да ги остварат зацртаните цели во животот е мотивирачката порака на Златева за сите вредни, трудољубиви, пожртвувани и подготвени жени за создавање на неопходно потребните промени во општеството.
Наградата е само еден сегмент од зацртана цел на Далиборка Златева во чија мисија за по добар, по хуман и по безгрижен свет има место за сите и за доволно и за не доволно моќните или не доволно храбрите сограѓани.
Убавка Јаневска