Др Николов: Идните родилки немаат причина за страв, имаме одличен тим за породувања
На Одделението за Гинекологија и Акушерство во Општа болница Велес, во минатата година, се родиле вкупно 383 новороденчиња или 13 бебиња помалку од претходната 2021 година. Сепак ова не е конечната бројка на новите жители на Велес во 2022 година затоа што уште околу 120 породувања на родилки од Велес се реализирани како во скопските државна и во Клиника Чаир така и во приватните болници во главниот град на државата или во Битола.
-Но, за жал повторно бројката говори за намалување на раѓања во Велес и продолжува трендот на опаѓање на наталитетот во општината. Дали поради миграцијата во странство или поради социоекономскиот статус на населиението не би можел да дефинирам. Сепак мислам дека како одделение на Болница Велес влеваме доверба за реализирање на породувања. Сметам дека тоа се должи на одличната медицинска екипа од секој аспект, од гинеколошко акушерскиот преку анестезиолошкиот до педијатрискиот, рече др Николов.
Тој упати охрабрувачки апел до идните мајки во кој издвои дека родилките воопшто немаат причина да стравуваат за безбедноста на сопствениот или на животот на новороденчињата.
-Идните родилки немаат причина за страв. Немаме дефицит на кадар во смисла на покриеност. На Одделението за Гинекологија и Акушерство има пет лекари специјалисти. Има колешка која во моментов е на приватна специјализација за која мислам дека ќе бидеме доволно примамливи да дојде и да работи на нашето одделение. Сакам да додадам дека одделението во текот на едно деноноќие е покриено со двајца специјалисти по анестезија. Тоа овозможува породување и со царски рез. Исто така ќе издвојам дека на високо ниво е и тимот како и просторот за Интензивна нега, додаде др Николов.
Началникот на ова болничко одделение, во велешка Болница, ја потенцираше стручноста и посветеноста на комплетниот медицински кадар, составен уште од медицински сестри и акушерки со долгогодишно работно искуство, како и континуираното усовршување и едукација како предности за комплетно враќање на довербата на пациентките во државното здравство на кое му припаѓа велешката болница.
Убавка Јаневска