Двајца велешани со возило излетале на пруга кај „Црн камен“, со тешки телесни повреди препратени за Скопје
Дваесет и девет годишниот К.Г и две години помладиот Б.Е од Велес, вчера, се здобиле со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода којашто се случила кај „Црн Камен“ во Велес и за која имало спасителска комбинирана акција, ограничена со време, за извлекување на двете момчиња како и возилото од пругата. Со возило на Итна медицинска помош накратко по 15:00 часот, двајцата велешани биле пренесени во ЈЗУ Општа болница Велес каде веднаш им била укажана медицинска помош од страна на хирушка екипа и анестезиолог.
-Во ургентна единица при ЈЗУ Општа болница Велес, беа донесени две лица од машки пол, К.Г 29 и Б.Е 27, на кои веднаш им е укажана итна медицинска помош. Потоа упатени се кон радио дијагностика кадешто и на двајцата пациенти им е направена компјутерска томографија на цело тело по што кај К.Г 29 се констатирани тешки повреди на глава, додека кај Б.Е констатирани се повреди на граден кош. Поради тежината на повредите двајцата пациенти се веднаш препратени за Скопје, рече Марина Андова портпаролка на велешка болница.
Од Центар за управување со кризи известија дека возилото на велешаните излетало на самата пруга по што имало комбинирана спасителна акција за извлекување на повредените лица и отстранување на возилото од пругата пред да помине возот кој сообраќа на релација Велес-Градско.
-Конкретно, во 15.08 часот е пријавенo дека на регионалниот пат Велес – Градско, кај месноста викана „Црн Камен“ заради неприлагодена брзина патничко моторно возило „поло“ излетало на железничката пруга. Притоа, биле повредени две лица, од кои едното било потешко повредено. Прво, на лице место, покрај итната медицинска помош и екипа од СВР Велес интервенираше и екипа од 4 пожарникари со едно ПП возило од ТППЕ Велес – за извлекување на тешко повреденото лице кое било на самата пруга. Потоа и да се отстрани хаварисаното возило од пругата до наредно поминување на воз Велес – Градско, помеѓу 15.08 и 17.30 часот. Покрај пожарникарите, полицијата и итната медицинска помош на терен интервенирале и екипи на АМСМ, ЈП „Македонски железници и инфраструктури“, соопштија од ЦУК.
При извлекувањето на двајцата велешани, интервенирале и пожарникарите од Територијална против пожарна единица Велес.
-На ден 16.06.2024 во 15:04 примена е дојава паднато возило на пруга Велес – Гевгелија на место викано „Црн Камен“. Територијалната Против Пожарна Единица Велес излезе на лице место со 1 пп возило и 4 пожарникари спасители . По пристигнување на лице место пристапено е кон вадење на повредените лица и истите се предадени на Итна Медицинска Помош, додаваат од ТППЕ Велес.
Од Сектор за внатрешни работи Велес соопштија дека патничкото возило „фолксваген поло“ со велешки регистарски ознаки било управувано од дваесет и девет годишниот К.Г.
-На 16.06.2024 во 14.45 часот во СВР Велес било пријавено дека на регионалниот пат
Велес – Градско, патничко возило „фолксваген поло“ со велешки регистарски ознаки, управувано од К.Г.(29) од Велес, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот К.Г., а неговиот сопатник Б.Е.(27) од Велес се здобил со телесни повреди, констатирани во Општа болница Велес, соопштија од СВР Велес.
За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес.
Дума.мк