Две велешанки тешко повредени во сообраќајна незгода на патот Велес кон езеро „Младост“

Со потешки телесни повреди се здобиле две велешанки којшто со автомобил „Форд ка“ со велешки регистарски ознаки на регионалниот пат Велес кон езеро „Младост“ излетале од патот. Сообраќајната незгода се случила околу 23:15 часот. Возилото го управувала триесет и две годишната Е.А од Велес и нејзин сопатник била В.И (26). На местото не незгодата веднаш пристигнала екипа од Итна Медицинска помош.
– Во сообраќајна незгода повредени се две девојки, свесни, едната со повреди на двата долни екстремитети и горен екстремитет. Другата девојка со повреда на десна рака и лева нога, рече Д-р Василка Пановаска, началник на ИМП.
Со две возила на Итна медицинска помош, двете девојки биле однесени на хирушкото одделение во ЈЗУ Општа болница Велес и по извршените прегледи биле препратени на понатамошно лекување во Клиничкиот центар – Скопје.
– Во текот на вчерашната ноќ, од страна на Итна медицинска помош донесени се две лица на 32 и 26 годишна возраст повредени во сообраќајна незгода. Истите се здобиле со потешки телесни повреди. По прегледите, повредените се препратени на понатамошно лекување во Клиничкиот центар-Скопје, рече портпаролката на велешка болница, Д-р Елеонора Јовановска.
Од Сектор за внатрешни работи Велес информираат дека вчера на местото на незгодата бил извршен увид од страна на увидна екипа на СВР Велес.
Стефани Манева
