Експерите од Градежниот факултет ја потврдија критичната состојба на носечките столбови на мостот кај Башино Село, техничкото решение испратено на ЈПДП
Проф д-р Горан Марковски декан на Градежниот факултет Скопје соопшти дека е готово техничкото решение за итна санација на мостот на Башино Село и е испратено на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Во документот предвидена е релативно брза интервенција за оспособување на мостот за сообраќај.
-Првенството треба да се изврши зајакнување, санација на сите средни столбови на мостот,а пред се’ санација на оштетените носачи на мостот,кај коишто има сериозни оштетувања и на бетонот со кородирана арматура. Тоа се неколку позиции на коишто треба да се делува воглавно во долниот дел на мостовската конструкција, рече проф д-р Марковски.
Градежен факултет предлага методологија за работа и материјали коишто треба да се користат за санација од страна на изведувачот. Сега останува ЈПДП да ја спроведе постапката и да избере изведувач коишто поскоро ќе ја започне санацијата на мостот.
Градежните стручњаци предвидуваат постоечкиот мост првично и што поскоро да се оспособи за сообраќај по едната лента, што ќе го регулира поставен семафор.
-Откако ќе се изврши целосната санација,нашето наредно испитување ќе покаже дали ќе може да се дозволи користење на двонасочен сообраќај,појасни проф д-р Марковски.
Решението, исто така, содржи и еден подолготраен 24 часовен мониторинг на мостот,како пресуден за експертските понатамошни одлуки за користење со еднонасочен или двонасочен сообраќај.
Градоначалникот Марко Колев веќе соопшти дека изборот на фирма изведувач за санацијата од страна на ЈПДП ќе се реализира по брза постапка којашто ја дозволувал Законот за итни, стратешки важни и за неодложни состојби. Тоа конкретно значи без јавен повик, ЈПДП да спроведе постапка, со можност да покани неколку фирми, кои ќе понудат услови и за седум дена да биде избран изведувач.
Од ЈПДП информираа дека во тек бил изборот на фирма за проектирање на Новиот мост на Вардар кај Башино Село по што ќе следел избор на изведувач. Новиот мост ќе треба кон срединава на годината да започне да се гради на стотина метри јужно под постоечкиот Башиноселски мост.
Убавка Јаневска