(фото и видео) „Дигитални јамки и замки“ дебата во Јуроп Хаус Велес
На младите им е потребна како медиумска така и дигитална писменост како дел на образовниот процес и тоа уште во основно образование со изучување на предмети за да се осознае дека се што се објавува на интернет не е вистина. Уште од почетоци интернетот цели кон развивање на светот. Луѓето коишто го создале интернетот имале позитивни замисли и идеи но кога светот го доби интернетот се појавија злоупотребувачи. Така се создадоа дигитални јамки и замки за коишто денеска дебатираа ИТ експертот на МЦМС Борис Ристовски, новинарот Мите Кузевски од порталот Види Вака и Љубомир Давитков од порталот за информатичка технологија IT.mk.
-Ние секој ден користиме електронски уреди и постојано сме присутни на социјални мрежи што не значи дека сите сме дигитално писмени и го разбираме концептот на интернет, како работат алгоритмите на пребарувачите, на социјалните мрежи и слично. Алгоритмите на социјалните мрежи фејсбук, тик ток, инстаграм или гоогле се веќе многу развиени и поврзани како и сихноризирани. Ако пребарате да купите патики, социјалните мрежи веднаш ќе ве преплават со реклами и понуди на разни видови патики. Од друга страна доколку кликнете на вести и информативни содржини, кои се лажни, алгоритмите на сите социјални мрежи ќе ви нудат слични информации. Поради тоа што Мета како компанија е сопственик на Фејсбук и Инстаграм и истите вести ќе ви се појават на сите мрежи, им порача Давитков на младите присутни на дебатата.
Што може државата да стори и како да се организира откако се појавија дигиталните манипулатори? ИТ инжинерот Борис Ристовски смета дека македонскиот интернет просторот треба да биде слободен без државни интервенции што би регулирале или пропишувале правила на игра и не треба да ги користи практиките на одредени држави во светот коишто забрануваат отварање на сајтови на други земји додека граѓаните сами да избираат што да конзумираат без препреки.
-Но кога станува збор за тоа што државата може да направи за државните институции, за мене, е недозволиво тоа што се случи на последните избори со хакираниот сајт на ДИК за изборните резултати кога цела вечер не знаевме кој победил или што се случува. Тоа траеше заради еден хакерски напад на страната, па смислуваа и пробаа некакви решенија се до наредниот ден кога успеаа да ја вратат страната. Ова е разбирливо за една мала земја, со мали ресурси, за да може од буџетот да одвои голем процент за безбедност. Кога пред неколку години истражував мене не ми беше јасно зошто сите општини имаат различни веб страни, различна технологија и различна старост бидејќи сметам дека сите 81 страници треба да бидат унифицирани и на ист начин заштитени со едно безбедносно решение. Тоа го мислам и за останатите државни институции. Државата треба да обезбеди по софистицирани софтвери и технички решенија а не да биде контролор на тоа што се пласира во интернет отворениот простор, додаде Ристовски.
Во дискусијата се надоврза и новинарот Мите Кузевски од веб портатол Види Вака којшто го презентираше личниот став дека и тој не е поборник државата да биде таа што ќе каже што се лажни а што не се лажни вести.
-За мене секоја власт е сомнителна. Во суштината на новинарската работа е да не и верувам на било која Влада. Не дека не верувам на официјални ставови туку сум секогаш сомничав во тоа што владата има интерес одредени информации и факти да ги крие од граѓаните. Затоа за мене е опасно кога би и се дала можност на државата да има во рака алатка со којашто ќе одлучува што е вистина а што не е вистина. Затоа е значајно да има создадено добра технолошка почва и граѓаните да можат да се заштитат на основно ниво. Треба да се посвети внимание на младата генерација и нивното медиумско и технолошко описменување да мине низ образовен процес за да може да се изградат личности коишто вистински ќе бидат отпорни на измами, додаде Кузевски.
Тој потенцираше дека особено треба да се вложува во изградба на критичкото размислување на младите низ образовниот процес бидејќи така може да се постигне долгорочна заштита во иднина а влијанието од техничките измами коишто можат да се случат, да не направат тектонски пореметувања во стабилноста на општеството.
Дебатата „Дигитални јамки и замки – Справување со злоупотреби на интернет и на дигиталната инфраструктура во изборни периоди“ ја организираше Делегацијата на Европска Унија, се одржа во Јуроп Хаус Велес а ја модерираше Александар Манасиев, конслутант за медиуми и новинар.
Убавка Јаневска
Дел од искажувањата на учесниците во дебатата: