(фото и видео) ТППЕ Велес го одбележа 20 мај – денот на пожарникарите со дружба со најмладите велешани
Дечињата од детската градинка „Димче Мирчев“ како и учениците од прво и второ одделение од сите велешки основни училишта денеска ја посетија Територијалната противпожарна единица Велес по повод 20 мај, денот на пожарникарите. Дечињата поделени во групи детално ги разгледуваа возилата но и опремата којашто ја користат пожарникарите при интервенција.
Среќни и насмеани децата ги пробуваа шлемовите на пожарникарите, се фотографираа во возилата, се забавуваа но и со големо внимание ги слушаа пожарникарите кои детално им ја опишуваа опремата којашто ја користат.
Што научиле, кои се пожарникарите, за што ни помагаат но и на кој број може да ги повикаме прашавме дел од дечињата кои денеска беа во Територијалната против пожарна единица Велес.
Командирот на ТППЕ, Димче Јованов, соопшти дека денешниот ден одлучиле да го одбележат со дечињата од градот кои секоја година покажуваат голема заинтересираност за работата на пожарникарите.
-Денеска на отворениот ден за граѓаните најприсутни ни се дечињата од детската градинка но и учениците од основните училишта. Нашата цел е дечињата детално преку примери да се запознаат со работата на пожарникарите, да ги разгледаат возилата но и целосната опрема којашто ја користиме при интервенција. Денот ни мине во одлична атмосфера и се надеваме на долгогодишна соработка со институциите и во наредните години, додаде Јованов.
Територијалната противпожарна единица располага со 11 возила и има вработено вкупно 32 пожарникари кои според законот по број на жители треба да бидат 44. ТППЕ Велес и пожарникарите секојдневно интервенираат за потребите на граѓаните како од Велес така и од Градско и Чашка.
Стефани Манева
фото: