(Фото и видео) Во Европска куќа Велес одбележан 27 Мај – Светски ден на виното и ден на Европа
Осум мали семејни македонски винарии од Вардарски регион ги презентираа и посетителите ги дегустираа нивните вина во салата на Јуроп хаус Велес, вчера вечер, со што започна одбележувањето на Светски ден на виното. Во дворот на овој објект посетителите имаа можност за дегустација на вина од производители од Франција, Словенија, Германија, Шпанија,Унгарија и Бугарија. Манифестацијата беше збогатена и со гурмански специјалитети подготвени од „FJ CulinarySchool“ како и познати видови на кашкавали од Литванија.
Настанот го организираше Делегација на Европска Унија и го отвори Евроамбасадорот Дејвид Гир кој зборувајќи на Македонски јазик го истакна значењето на виното на континентот како обединувач на народите и инспирација за натпревар во кој доминираат нијансите на вкусот.
-Европската Унија е најголем производител, потрошувач и извозник на вина во светот. Виното е еден од најперспективните производи на Северна Македонија и значаен дел од нејзиниот извоз. Вечерва имаме задоволство да пробаме и словенечко, шпанско, француско, германско, унгарско и бугарско вино. Голема благодарност до моите колеги од овие земји како и од Литванија која донесе вкусни сирења за да уживаме уште повеќе во виното, оваа вечер, рече Н.Е Дејвид Гир.
Евроамбасадорот беше придружуван од повеќемина претставници на дипломатскиот кор во државата.
За убавата атмосвера на настанот се погрижија и готвачи кои специјалитетите ги подготвуваа на лице место додека за музиката џез бендот „Трио Ду Хот Клаб“ од Скопје.
Значајно место на манифестацијата имаа и учениците на „SkillUр“ академија од Велес кои се автори на осум дизајни, по еден на најпознатото вино, на секоја од присутните мали семејни винарии. Нивните дизајнерски решенија беа преставени на постановка на синоќешната манифестација.
Додека се одржуваше манифестацијата на еден од ѕидовите во дворот на Јуроп хаус Велес се проектираше видео материјал од страна на „Eдит Поинтс“ за одбележувањето на светскиот ден на виното.
Убавка Јаневска