(Фото и видео) За една година во Велес платени 630.764 евра за ученички превоз, средношколскиoт интернат e полупразeн
Автор: Убавка Јаневска
Минатата година, стручното училиште „Коле Неделковски“, на автопревозник му исплатило 241.816 евра. Гимназијата „Кочо Рацин“ платила 142.143 евра, додека 1.200 евра помалку платило за ученички превоз, средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ и 102.484 евра економското „Јовче Тесличков“.
Четирите средни училишта во Велес, за ученички превоз во 2023 година платиле вкупно 630.764 евра. Со овие пари можат да се изградат речиси две нови училишни спортски сали во градот.
Еден ваков спортски објект од истоимениот национален проект на Министерството за образование чини 390.243 евра. И парите за ученички превоз се обезбедуваат од буџетот на МОН и се префрлаат на општината, исто како и финансирањето на средношколскиот интернат, во кој треба да се сместуваат ученици со постојани места на живеење над 25 километри од училиштата до кои има организирано јавен превоз или нема јавен превоз до нивниот дом, ако е оддалечен најмалку 10 километри од училиштето.
Бројот на оваа категорија ученици во велешките средни училишта не е мал. Тие средношколци што ги исполнуваат условите, наместо да се сместат во велешкиот средношколски интернат „Лазар Лазаревски“, во кој има 113 слободни места, одлучиле да патуваат и повеќе од еден час во еден правец, од домот до училиштето. Државата го плаќа превозот додека интернатот работи со преполовен капацитет.
700 ДЕНАРИ ПО УЧЕНИК ЗА ПРЕВОЗ
На пример, 700 денари по ученик од училиште до населено место, дневно, во два правци, кое од Велес е оддалечено само 14 километри во еден или во двата правци, вкупно 28 километри.
Дел од директорите на велешките средни училишта тврдат дека цената е превисока, и покрај тоа што редовно, месечно, ги плаќаат фактурите на автопревозниците. Според нивните пресметки, доколку реално се проценат потребите на точниот број корисници што треба секојдневно да патуваат наспроти учениците што ги исполнуваат условите да бидат сместени во средношколски дом, тогаш трошоците ќе бидат далеку помали.
Особено од категоријата ученици што живеат на оддалеченост од 25 до 60 км во населените места на територијата на општината. Тие ги исполнуваат условите за сместување во средношколскиот дом. Тогаш парите што сега завршуваат кај автопревозниците ќе можат да се пренаменат за промена на линолеумски подови и врати во училниците, за смена на покриви на училишни објекти, како и приоритети за осовременување на наставата, објаснуваат директорите.
Но, со нив не се согласуваат родителите. Тие се правдаат дека на своите деца не можеле да им дадат пари за џепарлак. Тоа било единствената пречка за сместување и престој во велешкиот средношколски дом, иако знаат дека државата го плаќа месечниот престој за храна, за легло и за греење.
Сепак, дел од нив, на медиумите им јавуваат дека се незадоволни и од автопревозниците затоа што во автобусите за нивните деца секогаш немало обезбедено седишта.
„Релацијата не е кратка, а моите деца кажуваат дека седеле на дрвени столчиња, исти како што баба ми користеше за седење пред куќа или на улица, тврди родител.
„Ми раскажаа дека во автобусот биле ставани да седат на гајби за пиво. Гајбите ги ределе, биле превртени и на нив седеле децата. Јас им реков дека мора да се фотографираат, за да докажеме дека тоа е вистина, објаснува друг родител.
Ваквите тврдења не ги потврди, ниту ги отфрли д-р Македонка Виларова, советничка и општинска просветна инспекторка на Општина Велес. Д-р Виларова, за Јасно.мк, рече дека ги спроведувала планираните редовни инспекциски надзори, како и вонредните, кога постапила по поднесени барања од странки.
РОДИТЕЛИ ОБВИНУВААТ ДЕКА ДЕЦАТА ИМ СЕДАТ И НА ГАЈБИ ВО АВТОБУСИТЕ
Тогаш кај одредени автопревозници, кои возат на вкупно 120 општински релации, открила дека превезуваат ученици за кои нема обезбедено седиште.
„Со оглед на фактот дека во потпишаните договори меѓу училиштата и автопревозните фирми задолжително стои дека превозникот е обврзан да обезбеди седиште за секој ученик во возилото, со кое врши превоз на ученици, тоа значи дека во возилата треба да има доволен број места за сите ученици што патуваат со нив.
Точно е дека имаше случаи кога таа обврска не беше испочитувана од страна на одредени превозници и во моментот на надзор, возачите даваа нелогични објаснувања за ваквата неправилност, која претставува значителна опасност и загрозување на безбедноста на учениците што се превезуваат, но со моја итна интервенција и укажување кон превозниците, секако и со заедничка соработка со училиштата, се отстрануваше таквата неправилност со укажување таа да не се повтори, соопшти д-р Виларова.
Инспекторката за откриените неправилности при вршење превоз на ученици редовно ги известувала општинските училишта, како субјекти на надзорот, со цел да преземат мерки и да ги отстранат констатираните неправилности. Освен до училиштата и до директорите, исто така испраќала редовни информации и до службите и до градоначалникот на Велес.
Правото на користење на бесплатен ученички превоз е регулирано во Закон за средно образование. Во член 41 став 1 пишува дека „ученикот има право на бесплатен превоз до училиштето ако е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште и ако ученикот не се смести во ученички дом, додека, пак, во став 4 „ученикот кој користи сместување и исхрана во ученички дом не се организира бесплатен превоз до дома за време на викендите, освен за учениците со посебни образовни потреби“.
Вака формулираниот став 4, во последните години му создава проблеми во работата на велешкиот јавен ученички дом „Лазар Лазаревски“. Средношколскиот дом работи со 50 отсто пополнет капацитет од вкупно 221 легло и до крајот на минатата година со партиципација од државата во висина од 7.500 денари по сместен ученик.
„До јануари 2024 години ни беше екстремно тешко за да ги покриеме трошоците што ги создаваше еден ученик сместен во домот. Од годинава, државата ни ја зголеми партиципацијата на 11 илјади денари по ученик, со што ги подобри условите за поквалитетно живеење. Сепак, со 50 отсто пополнет капацитет е тешко да се излезе на крај, односно да се обезбеди квалитетен престој за учениците, вели Марјанчо Јорданов, директор на ОУСД „Лазар Лазаревски“.
Од државниот буџет, месечно на сметката на овој средношколски дом за 10 месеци се префрлаат 1.298.000 денари или 21.105 евра за потребите од сместување на средношколците. Домот добива и дополнителни 20 отсто или околу 248.000 денари за обезбедување нафта, електрична енергија и вода.
Од овие финансиски средства, плата треба да земат вкупно 11 вработени лица. За преостанатите два месеца, јули и август, кога домот не нуди услуги за сместување ученици, самостојно обезбедува финансиски средства за одржување и за плата на вработените. Тогаш во домот се сместуваат учесници на општински или меѓународни манифестации. Ако нема манифестации, како во време на пандемијата со корона, вработените остануваат без плата.
ПРАЗНИ ЛЕГЛА ВО УЧЕНИЧКИТЕ ДОМОВИ
Затоа, директорот Јорданов, како единствена можност за опстанок, гледа во промената на подзаконските акти, кои ќе овозможат повисока категоризација на зградата на домот и нудење букинг, од што би се генерирале средства за стабилно финансиско работење.
Од 2018 година наваму, во средношколскиот дом постојано има празни легла. Сто и тринаесетте во оваа учебна година делумно се резултат и на стихијното отворање стручни паралелки од истите образовни профили, како во велешките средни училишта и во помалите градови на вардарскиот регион. Мал е и бројот на ученици што учат во велешките средни училишта, а живеат во општините Гевгелија, Валандово, Дојран, Демир Капија, Кавадарци и Свети Николе.
Исто како и неговите колеги, така и Марјанчо Јорданов, преку националното Здружение на директори на ученички и студентски домови, бара ставот 4 од членот 41 од Законот за средно образование да се додаде во член 2 од Правилникот за начинот и постапката за прием на ученици во јавните ученички домови.
Поточно, учениците прво да конкурираат за сместување во државните домови и по пополнување на капацитетите, тие што нема да обезбедат легло, да го остварат правото на платен ученички превоз, доколку имаат постојано место на живеење оддалечено најмалку 25 км од училиштето и постои организиран јавен превоз или се запишани во средно училиште што е оддалечено најмалку 10 км од нивниот дом и нема организиран јавен превоз.
Текстот е превземен од Јасно.мк