(фото) Изложба на сите рачни изработки на тема „Чудесната вселена“ на дечињата од детската градинка „Димче Мирчев“
Сите планети, сончевиот систем, ракети, опрема за астронаути беа само дел од рачните изработки на тема „Чудесната вселена“ кои денеска можат да се разгледаат на отворената изложба во Јуроп хаус Велес по повод Денот на планетата земја. Сите овие рачни изработки се направени токму од дечињата на велешката детска градинка „Димче Мирчев“ заедно со нивните креативни воспитувачки и секако со помош на родителите.
Повеќе од 100 деца од повеќе објекти на детската градинка ги разгледуваа своите и изработките на другарчињата, се воодушевуваа и низ краток разговор опишуваа што им оставило најголем впечаток на изложбата и што научиле за време на проектот.
Психологот на детската градинка „Димче Мирчев“, Славица Алексоска, објасни дека желбата да се истражи непознатото е особено изразена кај децата кои од најрана возраст покажуваат неверојатен интерес за вселената којашто е огромен бесконечен простор кој ги инспирира и возрасните.
– Оваа изложба поради која сме денес тука е резултат на неколкумесечните активности низ кои децата учеа, твореа, следеа видеа, разгледуваа енциклопедии, учествуваа во креативни, ликовни и истражувачки работилници. Голем дел од овие изработки и експонати се изработени од нашите најдраги соработници – родителите, на кои посебно им се заблагодарувам за нивната вклученост, посветеност и учество во остварување на нашата заедничка цел – правилен раст и развој на секое дете. Бидејќи и нашата планета Земја е дел од чудесната вселена, го одбравме токму Денот на Планетата Земја, да можат сите да видат колку и што работеа и научија нашите дечиња за нашата чудесна вселена, додаде Алексоска.
Инаку проектот „Чудесната вселена” детската градинка го реализираше за деца на возраст од 5 до 6 години во период од октомври 2023 година до месец мaj, оваа година.
Преку проектот децата доживеале една незаборавна вселенска авантура и се прошетале низ целиот сончев систем. Активностите биле осмислени и прилагодени на детските потреби и нивните развојни можности и интереси специфични за оваа возраст.
Со овој проект децата се запознале со вселената и нејзиното настанување и развој, учеле за животот надвор од нашата планета, се запознале со составот на небесните тела и нивните движења, го збогатиле своето знаење и за значењето на сончевиот систем, научиле да ги именуваат, разликуваат и препознаваат планетите, но го запознале и соѕвездието. Од детската градинка надополнуваат дека децата исто така го збогатиле и својот речник со нови зборови и поими, се поттикнала нивната детска фантазија и креативност и преку проектот се развиле логичките и мисловните процеси и размислувања преку прашањата „што, како и зошто“.
Инаку изложбата ќе биде посетена и од ученици од основните училишта а до 14:00 часот ќе може да ја погледне и секој граѓанин којшто има желба да ги разгледа рачните изработки на најмилите велешани.
Стефани Манева
фото: