(фото) Стенд ап комедија и музика на отворениот ден во велешката Гимназија „Кочо Рацин“
Во дворот на велешката Гимназија „Кочо Рацин“ деветтооделенците кои од септември го продолжуваат своето образование во средните училишта преку стенд ап комедија и музика, детално се запознаа со предметите кои се изучуваат во гимназијата. Според директорот Иле Попов, овој отворен ден е поразличен од сите други кои се организирале изминатите години со цел да се привлече поголемо внимание на деветтооделенците и преку забавен карактер да ги претстават активностите на училиштето.
-Се дружиме заедно со нашите следни ученици и многу сме горди што годинава го променивме концептот на отворениот ден. Наместо штандови, одлучивме да има повеќе музика и преку примери на наши сегашни и поранешни ученици да го претставиме училиштето пред нашите идни средношколци. Нешто со што можеме да се пофалиме од оваа година е тоа што за прв пат отвараме и билингвална паралелка, кадешто учениците дел од предметите ќе ги изучуваат на англиски јазик. Веќе имаме голем интерес и очекуваме таа паралелка да биде нешто што ќе не прави дополнително горди, но не смееме да ги изоставиме и другите паралелки, поточно старата традиција којашто ја негуваме во нашата најстара гимназија. Ние имаме трајни вредности кои во ниту едно друго училиште ги нема, додаде Попов.
Исто така, надополни дека гимназијата за секој предмет којшто ќе го изучуваат следните средношколци нуди квалитет, бидејќи кадарот на професори коишто предаваат во училиштето се причина што се издвојуваат од останатите училишта.
-Изминатата 2023 година променивме и многу работи во училиштето, поточно ја реновиравме спортската сала, гардеробите, направивме надворешни спортски терени, се обезбедија интерактивни табли скоро за секоја училница, нагледни средства за секој прдмет, нешто со што дополнително вложивме во наставата и сметаме дека ќе придонесе повеќе врз квалитетот на образованието. Гимназијата е она место каде што може да се понуди успех и ништо повеќе, тоа е и нашето мото по што се водиме и верувам дека и во иднина ќе останеме бренд, бидејќи секогаш милувам да кажам дека велешката гимназија е брендот на градот но и на државата. Ќе останеме и понатаму да го следиме аманетот на нашите предци и достојно тоа ќе го правиме, додаде Попов.
Деветтооделенците присутни на отворениот ден во велешката Гимназија насмеани ја следеа програмата, аплаудираа и се дружеа.
Стефани Манева