(Видео и фото) Коледарчиња донесоа радост во домовите на Велешани
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Koledarcinja-1.png)
Одекна коледарската песна низ сокаците, маалата и улиците на Велес. Детските грла ја пејат „Коледе леде“ додека во раце ги држат торбичките во кои се собира наградата од граѓаните за нивната посета и внесувањето на радост во домовите каде што влегуваат.
Домаќините и домаќинките освен костени,ореви, мигдали, коледарски колачиња ги наградуваат и со свежо и сушено овошје.
Од случајните минувачи за одлично испеаната песна се добива и паричка.
Коледарчињата го означија Бадник денот пред големиот христијански празник Божик. Денешниот ден е посебно убав за Велешани кои со Коледарчињата потпевнуваат „Кој спие нека стане…Коледеее“.
Според традицијата по испраќањето на Коледарчињата започнува подготовката за Бадник, ден пред најсветлиот празник, празникот над празниците, Божиќ, кој го симболизира Христовото раѓање.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Koledarcinja-2.png)
Домаќинките денешниот ден го посветуваат на подготовка на бадниковата вечера кога на трпезата се принесуваат посни јадења какошто се грав, посна сарма, риба и зелник. Се дели и лепчето со паричка. Тој што ќе ја пронајде паричката ја добива и паричната награда што сите членови на семејството претходно ја оставаат до садот полн со свежо и сушено овошје,ореви, мигдали, костени и задолжителното гранче од даб, бадник.
Убавка Јаневска
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)