(фото) Викендов Кавадарци живееше со традицоналната манифестација „Тиквешки гроздобер“

Објавено на 11 септември, 2023 во 14:41

Масовна посетеност, задоволни граѓани е генералната оценка за овогодинешното издание на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“. Кавадарци и овој пат се покажа како вистински домаќин. Кралот и кралицата на гроздоберот кренаа здравица за бериќетна година во лозарството, а симболично се откина и првиот грозд со што се најави бербата на грозје.

Заврши уште едно издание на стопанско – туристичката и културна манифестација  Тиквешки гроздобер. Три дена во Кавадарци се славеше во чест на грозјето и виното. Годинава, според организаторот, се случи најмасовната посетеност на оваа манифестација. Гроздоберот кулминираше синоќа со настапот на балканската ѕвезда Лепа Брена. Бројната публика пееше од почеток до крај со Брена, која доаѓа во Кавадарци после триесетина години. Пред неа настап имаа Дарко Лазиќ и Лина Пејовска.

На втората гроздоберска вечер публиката ја забавуваа Барбара Ракичевиќ, Марта Станојковиќ, Харис Џиновиќ и Халид Бешлиќ, а првата вечер помина со настапот на изведувачи кои ја анимираа пред се помладата публика, Андријана Јаневска, ДНК, Слаткаристика и Зера.

Весело беше и во паркот кај полицијата. Таму за љубителите на скарата, виното и музиката изминативе три дена настапија кавадаречки бендови.

Во саботата во рамки на карневалското дефиле се  откина првиот грозд, со што симболично беше најавена бербата на грозјето во најголемиот лозарски регион во Македонија. Исто така се прикажа традиционалното газење на грозјето со нозе. На карневалот настапија маски од Кавадарци, но и од збратимените градови.

Вчера се одржа и детски карневал. Учествуваа најмладите од детската градинка и основните училишта.

Во саботата пред карневалот градоначалникот Митко Јанчев организираше прием за бројните делегации.

Ангел Данов

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.