(фото) Врачено „Рациново признание за 2024“ на Фросина Прамаковска на свеченото отворање на 61 Рацинови средби
„Рацин – неговото творештво, оној комплет од пет дела којшто го имавме во семејниот дом ми е едно од првите македонски четива но и со сигурност едно од малкуте македонски четива, оние најзначајни за мене на коишто редовно се навраќам низ годините, бидејќи Рацин не се надраснува“, со овие зборови го започна својот говор Фросина Прамаковска добитничка на годинешното „Рациново признание“ откако градоначалникот Марко Колев и го врачи признанието на свеченото отварање на 61 Рацинови средби на Спомен Костурница.
-Со секое навраќање од ново и од ново откривам дека Рацин е љубов, Рацин е слобода, лик за правда, силен копнеж и Рацин е македонска меморија, поради тоа со голема и силна возбуда ја примам оваа награда. Ќе споделам нешто што до сега го немам соопштено, „Се уште можам нешто да сторам“ е романот во којшто најмногу од себе дадов, зборувам и физички и психички, емоционално, буквално на сите начини на коишто еден писател се дава за твоето дело и тоа е втора причина зошто толку многу ми значи оваа награда којашто е огромен благослов но истовреме и огромна одговорност за понатаму. Ви ветувам на сите, на моите читатели но и себе си дека со секое мое наредно дело ќе се обидам одново и одново да ја оправдам довербата којашто ми е дадена оваа вечер, додаде годинешната добитничка Прамаковска.
Светлана Петрова Џамбазова претседателката на жири комисијата во состав со Маја Апостоловска и Јасминка Делова Сељанова, пред присутната публика вчеравечер, го прочита образложението за добитничката и додаде дека оваа година на конкурсот биле пристигнати 25 книги кои биле силна конкуренција.
„Шеесет и една година Рацинови средби, 81 година од згаснувањето на искрата, но бесконечноста запишана во сите нас“, вака го започна својот говор градоначалникот Марко Колев.
-Делото на бесмртниот Рацин до денес останува врежана во колективната меморија на Велес, Македонија и пошироко. Велешани со гордост го носат името на негови наследници, чекорат по улиците испишани со неговите стихови и го поддржуваат неговото дело со неговите стихови во секоја песна на Кочо Рацин. Од овој споменик каде ги чуваме Рациновите коски и го вадри нашиот Велес, посакувам секој од нас да го понесе својот пат за чување на својот идентитет, јазик, култура, историја и традиција. Посакувам Рацин да продолжи да биде македонска меморија, кој во нашите дела гордо ќе го возвишуваме и во иднина, додаде Колев и свечено ги прогласи за отворени 61 Рацинови средби.
Професор д-р Михаило Марковиќ пред присутната публика ја прочита и Беседата за Коста Солев Рацин.
-Рацин е нешто коешто македонскиот народ мислам дека никогаш повеќе нема да го повтори, но сепак Македонија е земја којашто дава синови храбри, умни и силни коишто ќе ја водат Македонија напред низ овие бурни времиња коишто денеска ги имаме. Зошто велам Рацин е мост за македонскиот јазичен и културен идентитет. Затоа што Рацин не е за денес и Рацин за утре, Рацин е продолжение на светите браќа Кирил и Методиј, Рацин е продолжение на Свети Климент Охридски, продолжение на Кирил Пејчиновиќ, Рацин е чувар на ракописното наследство на Македонија. Рациновата книжевност се претставува како национална но и регионална, интернационална, но мора да запаметиме дека Рацин и неговата книжевност се пред се македонски, додаде Марковиќ.
На свечено отворање на 61 Рацинови средби, градоначалникот Марко Колев заедно со претседателот на Советот на Општина Велес Даниел Јаневски како и членовите на советот положија свежо цвеќе пред спомен бистата на паднатите борци за слоба во Спомен Костурницата. За време на настанот имаше и поетско-сценски перформанс во чест на Рацин.
Стефани Манева