Почна поправката на железничката пруга од Градско до Неготино
Почна поправката на третата делница од железничката пруга Табановци – Гевгелија. Во времетраење од една година ќе се изведуваат градежни работи на пругата од Ногаевци до Неготино. Тоа ќе го отежни железничкиот сообраќај но заменик директорот на македонски железници инфраструктура , Милан Јанкулоски, вели дека имаат решение како без посериозни проблеми да се реализира железничкиот сообраќај.
– Доколку се појави прекин во железничкиот сообраќај тогаш патниците ќе бидат превезувани со автобуси од станицата во Градско во Згрополци. Така што во секој случај ќе биде обезбеден непречен трансвер на патници, рече Јанкуловски.
Но штом заврши поправката на пругата, долга 30 километри, ќе се обезбеди побрзо и побезбедно сообраќање на возови, патници и стока велат министерот за транспорт Миле Јанакиески и Цветанка Нешова, директорката на бугарската холдинг компанијата „СК 13“ инаку изведувач на градежните работи.
– Само на овој дел од пругата времетраењето на движење на возовите ќе се скрати за триесетина минути што е значајно придвижување.Морам да истакнам дека оваа делница не е реконструирана цели 45 години што е многу значајно за Македонија, рече Јанакиески.
– Тоа ќе го овозможат повеќето градежни работи кои ќе ги изведеме како промена на шини и праговизаедно со санација на косините кои што се наоѓаат од двете страни на пругата, рече Нешова.
Исто така се работи и на поправка на пругата на делницата Скопје- Велес кај станицата Рајко Жинзифов. По две недели откако таму се судрија два воза поправката го успорува движењето на возовите, како товарните така и патничките. Претходно беше реконструиран делот од Коридорот 10 од Табановци до Куманово. За завршените и актуелните реконструкции државата парите ги обезбеди преку кредит од Европската банка за обнова и развој./Б.Н