Хуманитарно, ученици помагаа ученичка на ССОУ „Коле Неделковски“ (фото и видео)
Пред платото на велешкиот театар „ ЈХК „Џинот“, беше поставен денеска хуманитарниот штанд со подготвени традиционални баклави, аравании, кифлички, баници и многу други производи направени од вредните раце на учениците, под менторство на професорите од угостителскиот смер на ССОУ „Коле Неделковски“. Велешани ги купуваа подготвените традиционални благца и производи од тесто кои ќе ги сервираат на домашната трпеза веќе во недела. Директорката Весна Стојанова Богоевска рече дека оваа е традиционална хуманитарна акција на училиштето што се организира пред големиот христијански празник „Прочка“ а годинава собраните средства се наменети за нивна ученичка.
-Од овој хуманитарен настан финансиските средства ќе бидат наменети за една наша ученичка, којашто годинава е матурантка и на којашто и престои втора операција. Денеска, има голем одзив и се надевам дека ова ќе биде само поттик и за другите училишта и организации да почат да организираат вакви хуманитарни активности, да излезат од нивното училиште и институции и пред велешани да се презентираат со тоа што всушност тие произведуваат, додаде Богоевска.
Учениците од профилот „готвач“ во текот на вчерашниот и денешниот ден ги подготвувале јадењата направени од тесто но и благцата поточно, баклавата, араванијата, бомбиците, коишто денеска им беа понудени на велешани.
-Во текот на вчерашниот ден, додека се подготвуваа благите работи, беа повикани и деветтоодделенци од нашиот град. Ним им ја преставивме угостителската струката која што се изучува во нашето училиште а тие помагаа во подготовката на производите. Подготвивме баклава, ежиња, бомбици, араванија како и шишарки. Има и помодерни блага со ресана и кокос. Додека, утрово ги подготвивме кифлите, баницата со праз и сирење како и неколку видови на кифли од тесто, рече Горан Богоевски, професор од угостителскиот смер.
Оваа година хуманитаниот штанд беше поддржан и од Здружение на пензионерки како и од гостилница „БОЕМ“. Претседателката на Здружението на пензионери Велес, Благојка Настова рече дека вкупно 10 пензионерки биле дел од подготовките на нивните благи и солени производи кои се вклучиле во настанот со особена чест и задоволство. Како што тоа го прават секаде кога ќе бидат поканети и особено кога станува збор за хуманитарни настани.
За време на настанот ученички од ова средно училиште пееа разни македонски песни.
Гостилница “Боем“ денешниот хуманитарен настан го поддржа со подготвено тавче гравче. Голем беше бројот на граѓани кои купија производи и на тој начин придонесоа за лекувањето на девојчето во странство.
Стефани Манева