Идните млади Модни дизајнери од проектот „Клуч за сопствен бизнис“ започнаа пракса, цртежите ги претвораат во модели
Со селектирани цртежи коишто ги содржат најкреативните модни креации на учесниците на обуката за Моден дизајн, пред една недела, започна практичната работа на идните Модни дизајнери во модното студио на Катерина Чукниева во Велес. Обучувачката м-р Соња Пљакова ги донесе и првите теркови коишто учениците ги изработија со нејзина помош. Првата група на учесници во обуката заедно со м-р Пљакова и Чукниева разговараа за неопходно потребните детаљи и по некоја поправка според кои ќе започне процесот на финализирање на 10 модни креации кои ќе бидат финален производ на проектните задачи.
-Станува збор за избрани модели на кои учениците, учесници во обуката за Модни дизајнери, ги изработија во групи и тие се нивни заеднички креации. Се усовршува секоја финална модна креација и изработени првични теркови за кроење на моделите. За нив разговараме, правиме ситни корекции со цел да добиеме најдобри варијации за изработка на моделите. Секој претставник на групата автори на избраните модни парчиња ги слуша нашите совети и споделува свои мислења. Сакаме да создадеме највпечатливи модни креации, рече м-р Пљакова.
Во тек е и изборот на видот на ткаенина од кој ќе се изработуваат 10 модели. На практичната работа се пресметува потребната метража за секој модел, видот на конец, евентуално потребните декоративни елементи кои би го направиле што поуникатен моделот пред да влезе во процес на кроење и шиење.
Десетте финални модни креации ќе бидат изработени до 20 февруари, годинава, кога ќе бидат промовирани на Модна ревија што ќе се одржи во Велес. Од Фондација „Фокус“ која го реализира проектот „Клуч за сопствен бизнис“ соопштија дека на ревијата ќе учествуваат сите ученици кои ги подготвија моделите и ќе бидат поканети гости во простор што во моментов се договара во објект на атрактивна локација во градот.
Фондацијата за локален развој и демократија „ФОКУС“ овој проект го реализира во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансиран од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот кофинансиран е и од Општина Велес.
Стефани Манева