Илиоска Кантарџиоска: Теренски работници на Коалиција „СЕГА“ започнаа активно да вклучуваат млади во Програма „Гаранција за млади“
Четири теренски работници од Кавадарци, Неготино и Велес ќе лоцираат и мотивираат млади лица на возраст од 18 до 29 години да се вклучат активно на пазарот на трудот преку програмата „Гаранција за млади“.
Тие се дел од армијата теренски работници распоредени низ речиси сите општини во Македонија кои ќе имаат тешка и напорна работа во следните два месеци да ги убедат младите да останат во својата земја и тука да ја градат својата кариера и иднина. Преку промоција на активните мерки за вработување и развој на вештини кои во рамките на оперативниот план ги нуди Агенцијата за вработување, теренски работници ќе придонесат во намалување на долгорочната невработеност кај пасивните баратели на работа, ефективно вклучување на ранливите групи, особено корисниците на гарантиран минимален приход, младите кои не се вработени, ниту се вклучени во образование или обука, на пазарот на трудот.
„Ова е втора година во која програмата „Гаранција за млади“ се спроведува на територијата на целата земја. За жал младите се почесто се решаваат да ја напуштат својата земја, пазарот на трудот станува се поограничен, па затоа ни е важен секој млад човек кој ќе се реши да влезе во програмата „Гаранција за млади“ и за четири месеци да излезе од неа како вработено или преквалификувано лице кое полесно ќе го најде своето место на пазарот на трудот“ – ни рече во своето воведно обраќање Моника Илиоска Кантарџиоска, координатор на проектот во рамките на Kоалиција на младински организации „Сега“.
За разлика од минатата година, во Вардарскиот плански регион годинава ќе работат четворица теренски работници. Двајца на територијата на општина Велес и по еден во Кавадарци и во Неготино.
„Теренските работници поминаа низ дводневна обука во која се запознаа со мерките кои ги нуди Агенцијата за вработување согласно оперативниот план. Дополнително, тие добија насоки за пристап и комуникација со младите кои се нивна целна група се со цел полесно да ги мотивираат и убедат младите да се вклучат во програмата „Гаранција за млади“, додаде Илиоска Кантарџиоска.
Теренските работници ќе останат на терен до 15ти јули, а сите заинтересирани млади може да ги контактираат на телефоните: 078840735 – Кавадарци, 076873550 – Неготино, 070226025 – Велес и 078226519 – Велес.
Ангел Данов