Им скисна на лозарите од маниупулациите на визбите – го истурија грозјето пред Тиквеш
Неколку тракторски приколки товарени со грозје од сортата вранец-картошија вечерва завршија пред винарската визба „Тиквеш“. Лозарите револтирани од понижувањата кои ги добиле од визбата одлучиле родот да го истурат пред визбата, а да не го дадат за 8 денари.
Се жалат дека визбата не ги почитувала договорените цени од 11 денари за килограм смедеревка и 13 за картошија. Велат дека најголемата визба манипулирала со нив. Прво добиле покани за берба. Вчера им се откупувало грозјето по објавените цени, а денеска визбата ја променила политиката. Не сакале да примаат грозје под 21 шеќерна единица. Потоа за грозјето со 19 малигани и помалку им била понудена цена од само 8 денари за килограм. Тоа ја прелеа чашата и лозарите почнаа да го истураат грозјето од приколките пред влезот на винаријата.
„Со 20,70 малигани денеска моето грозје не сакаа да го примат во Тиквеш. Требало да има 21 малиган. Сакаат без пари да го купат грозјето. Имаат истакнато дека од 18,50 малигани ќе го купуваат грозјето. “ изјави лозар присутен на протестот.
Претседателот на регионалното здружение „Тиквешки лозаро овоштари“, Дано Јошев изјави дека од раководството на „Тиквеш“ им било речено кој сака да го предаде грозјето со пониски шеќерни единици од 21, ќе им се плати по 8 денари за килограм.
„Ќе го откупеле тоа грозје за дестилат. Со тоа „Тиквеш“ ќе ја сруши цената. Ќе почнат по таа цена да купуваат сите визби“ вели Јошев.
Лозарите на протестот добија поддршка од градоначалникот Митко Јанчев и пратениците Даниела Колева и Зоран Јованчев.
„ Гревот е голем, револтот е голем. Сите имаат покани да го донесат грозјето. Ги враќаат назад и лозарите кои имаат 20,6 или 20,8 малигани. Имаме здраво и квалитетно грозје годинава. Ние како локална самоуправа и пратениците ќе бараме начини да се надмине оваа лоша состојба. Според сите критериуми над 19 малигани картошијата е квалитетно грозје“ изјави Јанчев.
Пратеничката Даниела Колева ги информира лозарите дека контактирала со премиерот и им пренесе ветување дека грозјето кое денеска нема да им биде откупено на лозарите за истото ќе добија обесштетување од државата.
„ Треба да остане договорената цена од 11 и 13 денари. Понудија од Тиквеш некои алтернативни можности, но лозарите не се согласија бидејќи беа во некој дел и потценувачки“ изјави пратеничката Колева.
Пратеникот Зоран Јованчев ја повика владата да се вклучи во решавањето на овој проблем.
„ Сите овие лозари имаат покана да го донесат родот по цени истакнати во визбата. 8 денари за 20.8 шеќерни единици е повеќе од потценувачки. Свето повторно си игра со маката на лзоарите“ рече Јованчев.
Ангел Данов