ИН МЕМОРИАМ: Почина единствениот велешки Параолимпиец

Објавено на 30 мај, 2022 во 10:59
Фото: Жабев со освоените медали и добиените признанија

Во осумдесет и третата година од животот почина велешанецот Вангел Жабев, истакнат спортски инвалид, претседател на Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди на Велес и претседател на Здружението на цивилни инвалиди Велес.

 Жабев настрадал во 1947 година, во Градско, од заостанат експлозивен материјал од војната, кога ги губи двете раце и се здобива со други телесни повреди.

Своето школување го започнува во ОУ „Кирил и Методиј“ во Велес. Поради слабата финансиска моќ на неговите родители тогаш не го продолжил образованието. Таа негова желба се остварува откако се вработува кога вонредно го завршува средното училиште во Велес.

Фото: Освоените медали на единствениот велешки Параолимпиец

Вангел Жабев беше работник во поранешниот текстилниот комбинат „Нокатекс“ во Велес, од каде оствари право на пензија како еден од најуспешните работници, за што е повеќекратно наградуван. Желбата за самодокажување ја оствари преку спортот, а најактивен беше во спортските дисциплини фудбал, атлетика и пливање. Остварува  исклучителни резултати, особено во атлетиката и пливањето, во спортските активности организирани од Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија и на поранешна Југославија.  Постигнатите високи резултати во пливањето му овозможија да  учествува на повеќе меѓународни натпревари од кои позначајни се: Отвореното првенство во пливање во Полска (1977), кога освои 4 златни медали (краул 50м, грбно 50м, градно 50м, мешовито 3 х 50м.); како и на неколку меѓународни натпревари кои се одржале во тогашна Југославија, на кои исто така ги добива највисоките одличја.

Фото: Освоените медали

Со поддршка на семејството и блиските пријатели го остварува врвот во кариерата, учеството на Параолимпијадата во Арнхем, Холандија (1980), на која освојува две бронзени медали во дисциплините краул 50м. и мешовито 3х50м. По овие негови постигнати резултати Жабев е единствен велешки Параолимпиец.

Фото: Освоените медали на Жабев

За сите негови постигнати врвни резултати Општина Титов Велес го наградува со највисокото признание Спомен плакета на градот во 1980 година. Жабев исто така е добитник и на највисоко државно спортско признание по осамостојувањето на Република Македонија доделено од Агенцијата за млади и спорт.

Фото: Спомен плакета на градот Титов Велес

Вангел Жабев почина во саботата на 28 мај, годинава. Ден подоцна неговите посмртни останки беа погребани на градските гробишта во „Раштани“.

Фото: Параолимпиецот Жабев со освоени медали

Вечна слава Параолимпијецу, сочувство до семејството.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.