IN MEMORIAM: Почина велешанецот Боре Манев, младински активист, акцијаш и прв Командант на работната бригада „Титови градови“

Објавено на 12 август, 2022 во 00:06

Во 81 година од животот вчера рано утрината почина велешанецот Боре Манев познат младински активист и наградуван бригадир – акцијаш на Младинската работна бригада „Кочо Рацин“ како и прв Командант на Младинската бригада „Тито – титови градови“ во поранешната држава Југославија.  

Манев е добитник на голем број ударнички значки со кои се одликуваше доброволниот младински труд на Сојузните работни акции во тогашната држава Југославија. Ударничките значки, благодарниците и признанијата, Манев ги доби додека учествуваше во градењето на автопатот „Братство – Единство“ покрај вложениот труд во ископот на одводните канали и првото пошумување на бреговите на езеро „Младост“ како и на голините на ридовите околу Велес.

Манев и на 81 година беше дел од акцијашката ветеранска бригада „Кочо Рацин“ која во изминатите три години интензивно го пошумуваше брегот на езеро „Младост“, го чистеше од отпад и смет родниот Велес, како и соседната општина Чашка.

Боре Манев, роден е на 22 мај 1941 година, на Бузаана, едно од неколкуте легендарни велешки маала. Основно училиште заврши во „Свети Кирил и Методиј″ и средно во Економското училиште „Јовче Тесличков″, во првата генерација, во 1956 година, додека во Белград, во 1962 година, дипломира на Вишата статистичка школа.

Тој извршуваше и повеќе општествено политички функции во Титов Велес.

Посмртните останки на Боре Манев ќе бидат изложени во капелата на Градски гробишта „Раштани“, денеска, петок 12 август, во 11:00 часот додека погребот ќе се одржи во 12:30 часот на гробиштата на црква „Свети Пантелејмон“.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.