Интервју со велешанката Марија Давчевска: „Успехот на специјалниот едукатор не е само да направи „нешто“ за детето, туку да биде „некој“ во неговиот живот!
Специјалниот едукатор и рехабилитатор на ОУРЦ „Маца Овчарова“,Марија Давчевска годинава од владата, од Министерството за образование и наука и од Сојуз на просветни работници ги доби двете највисоки признанија за најдобар просветен работник и за покажани вонредните ангажирања и придонес во унапредување на воспитно образовната дејност на работното место.
По цели 17 години работен ангажман во образовниот процес на деца со атипичен развој, Давчевска, има на што да биде горда. Нејзиниот труд е вреднуван. Кога денеска ја посетивме во нејзината училница и училиште таа одговори на нашите честитки велејќи:
„Мојата амбиција e една движечка сила која ми дава храброст да преземам нови чекори секогаш. Постојаната упорност, одговорност, активност, самоконтрола и верба во себе резултираат со успех.“
Давчевска во минатата година се стекна со звањето ментор затоашто ги исполнуваше условите од законски утврдениот кариерен развој во државата. По една година, како специјален едукатор и рехабилитатор, наставник во одделенска настава, со звање наставник- ментор во Основното училиште со ресурсен центар „Маца Овчарова“ Велес таа е добитник на Плакета и Признание за просветен работник на годината.
. Се ова имаше влијание на мојата лична мотивација и придонес за подигнување на дигнитетот и општествената важност на специјалната едукација и рехабилитација. Учествував во многу обуки кои се од значење за воспитно- образовниот процес на децата со посебни образовни потреби. Поседувам искуство и вештини како обучувач и реализатор на обуки и работилници за наставен кадар, родители и ученици поврзани со образованието, како во редовните основни училишта така и во средните училишта. Успешното учество на шеесетина семинари, конгреси, симпозиуми и конференции во земјата и во странство како и стручно-научната активност во последниве 10 години резултираат со објаени над 20 трудови како во домашната така и во странската периодика на кои сум автор и коавтор од областа на специјалното и инклузивното образование,додаде Давчевска
Таа е автор и на повеќе прирачници наменети за работа со деца како со типичен така и со атипичен развој: Прирачник за фина моторика, Прирачник за изработка на дидактички материјали од отпадни материјали„ Направи сам за своето дете“ по што учествува и во прилагодувањето на активностите кои веќе постојат во претходни два прирачници: „Чекор по чекор до јазична писменост- 50 активности за совладување на јазичните вештини“ и „Математика низ игра“ како и во создавањето на новиот Прирачник со адаптирани активности за описменување за ученици со попреченост. Давчевска се стекна и со Меѓународен сертификат за Интеркултурно образование и поддршка за создавање на инклузивна средина за учење.
-Поседувајќи ги овие и други теоретски и практични искуства сметам дека како стручен профил, специјален едукатор и рехабилитатор, со добиеното признание истакнат просветен работник на годината, ќе дадам уште поголем понатамошен придонес и особени резултати во воспитно- образовата работа и други активности во наставата за учениците со посебни образовни потреби. Секако, вистинско задоволство е да се добие и Плакетасо потпис од министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, за вонредни ангажирања и придонес во унапредувањето на воспитно-образовната дејност на работното место, додаде Давчевска.
За неа звањето специјален едукатор и рехабилитатор, не е само учител туку е учител со посебна моќ.
-Во исто време јас на моите деца, мои ученици, најмногу од се сум им верен другар. Суштината на успехот на специјалниот едукатор не е само да направи „нешто“ за детето, туку да биде „некој“ во неговиот живот.Затоа во мојата секојдневна работа со учениците со атипичен развој применувам лесни и интересни игри како важен стимулативен дел при реализирањето на воспитно – образовниот процес, наменети за сите ученици според можностите и способностите, користам лесно достапни и широко применливи едукативни содржини и ресурси со цел да се развиваат и усовршуваат сите знаења и вештини. Користам иновации , креативни платформи, прирачници кои изобилуваат со наставни материјали и средства. Доказ за ова е минатогодишниот награден проект од Фонд за иновации и технолошки развој и МОН на повикот „Предизвик за млади истражувачки и истражувачи 3“ каде јас со уште една колешка бевме ментори на проектот и усшешно го реализиравме насловен како„ Преку сензорни игри до развој на сетилата“,додаде Давчевска
Според неа специјалниот едукатор и рехабилитатор има важна и тешка задача пред себе, поточно, да изнајде начин кој е најпривлечен и најадекватен за потребите и способностите на детето затоа што секое дете е посебна индивидуа. Секоја индивидуа носи со себе позитивни нешта.
-Секое дете го учам да научи да решава многубројни задачи кои ќе бидат поставени пред него, со цел понатаму и тие да станат активни членови на општеството во кое што живеат. Но најважно од се, за мене е да гледам среќни, задоволни и насмеани детски лица. Како искусен специјален едукатор и рехабилитатор секогаш си поставувам сериозни прашања пред самата себе, кога започнувам работа со дете со посебни потреби. Дали ученикот има различни преференци на учење? Кои се неговите добри , а кои послаби страни? Дали ученикот има потешкотии при следење инструкции? Дали ученикот има потешкотии со помнењето како визуелно, така и аудитивно? Каде седи ученикот? Може ли добро да слушне и види? Какви видови задачи може да сработи? Кога ученикот е зафатен, што е она со што се занимава? Кога ќе ми бидат одговорени скоро сите прашања, ете тогаш работата со детето ќе резултира со успех, додаде Давчевска.
Таа на крајот од разговорот констатираше дека најсилно од се што го привлекува вниманието на секое дете со атипичен развој е неизмерната љубов која ја дала, што ја дава и ќе ја дава несебично на секое дете притоа раководејќи се според максимата: „СИТЕ СМЕ ИСТИ!“
Убавка Јаневска