Јавен правобранител покажа интерес за запалените викендици во Нежилово на браќата Апостоловски

Објавено на 26 април, 2022 во 16:04
Фото: Изгорената викендица на Горанчо Апостоловски

Јавен правобранител за подрачје на Општина Велес им се јавил на браќата Зоран и Горанчо Апостоловски. Правобранителот покажал интерес за нивниот проблем со запалените викендици во село Нежилово, во Општина Чашка. Апостоловски во текот на утрешниот ден треба да остварат средба со јавниот правобранител.

-Бевме изненадени кога правобранителот се јави и побара од нас информации за проблемот којшто го имаме со изгорениот семеен имот, скоро пред две години, во село Нежилово. Со правобранителот ќе разговараме утре, среда 27 април. Ќе видиме што тој има да каже за постапката за која ние мислиме дека од страна на државните институции се одолговлекува. Сепак ни јас ниту мојот брат Горанчо нема да се откажеме од намерата да оствариме правда. Ќе поднесеме кривична пријава против непознат сторител и во исто време ќе започнеме постапка против државата чии што институции не ни овозможија да дознаеме кој и зошто ни ги запали двете викендици во 2020 година, рече Зоран Апостоловски.

Реакцијата на Јавниот правобранител за подрачјето на Општина Велес следи откако Дума.мк пред пет дена објави текст во којшто ги пренесе искажувањата на Зоран и Горанчо Апостоловски. Во приказната на Апостоловски имаше голем број на сомнежи поврзани со постапката за расветлување на овој случај. Поконкретно од ненавремен увид на лице место преку несобрани доволно докази до одолговлекување на постапката во времетраење од скоро две години.

Фото: Изгорената викендица на Горан Апостоловски

Наспроти нивните тврдења СВР Велес во писмен одговор на прашања на Дума.мк напиша дека се преземале мерки за расчистување на случаите со тоа што досега, извршени биле претреси во домови на неколку лица, службени разговори со неколку лица, подигнати видео материјали од различни локации и по насоки на Јавен обвинител се преземале мерки за расчистување на случаите.

Викендицата на Зоран Апостоловски изгоре на 21 јуни 2020 година додека на брат му Горанчо наредниот месец, поточно на 15 јули,истата година. До денеска за овие случаи нема судска разрешница. Според браќата Апостоловски тие се оштетени за 55 илјади евра и неуспеале да дознаат кој и зошто им ја направил штетата.

Дума.мк за овој случај ќе побара став и од Основно јавно обвинителство Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.