К О Н К У Р С ЗА ДЕЛЕГИРАЊЕ НАДЛЕЖНОСТ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ И РЕАЛИЗИРАЊЕ НА КУЛТУРНАТА МАНИФЕСТАЦИЈА „ВЕЛЕС МУРАЛ ФЕСТ” НА ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ
Се делегира надлежноста од областа на културата предвидена во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата и меѓународната соработка во 2022 година што се однесува на организирање, реализирање и менаџирање на културната манифестација „ Велес мурал фест“. Манифестацијата треба да содржи активности за разубавување фасади низ градот, со цел да се одржува на подолг период со што секој ќе има можност да го гледа процесот на работа на уметниците.
Финансиските средства во висина од 200.000,00 денари за делегираната надлежност се обезбедени од Буџетот на Општина Велес – Програма за активностите на Општина Велес во областа на културата и меѓународната соработка во 2022 година.
Право на учество на конкурсот имаат здруженија на граѓани регистирани во областа на културата (во понатамошниот текст – здружението).
Кон пријавата здружението е должно да приложи:
- Решение за упис во централен регистар;
- Полн назив и адреса на субјектите кои ќе се вклучат во текот на реализирање на активностите од делегираната надлежност;
- Детален опис на активностите, носители и рокови за реализирање на делегираната надлежност – Програма на здружението за начинот и постапката за реализација на културната манифестација;
- Финансиска структура на активностите;
- Име, презиме на лицата ангажирани во реализирање на делегираната надлежност, нивна квалификациона структура и професионално искуство;
- Портфолио на здружението во кое јасно ќе се гледа неговиот придонес и работа во областа на културата.
Заинтересираните здруженија, пријавите со горенаведените прилози може да ги достават до Општина Велес, во рок од седум (7) работни денови од денот на објавувањето на Конкурсот, во архивата на Општина Велес или по поштенски пат на улица „Панко Брашнар”, бр. 1, 1400 Велес, со назнака за „Комисија за делегирање надлежност за организирање и реализирање на културнатa манифестација „Велес мурал фест“.
Доставените пријави ќе ги разгледува тричлена комисија формирана од Градоначалникот на Општина Велес. Комисијата при разгледување на пријавите за исполнување на условите ќе пристапи кон бодирање согласно утврдените критериуми кои се однесуваат на следното:
- соодветност на предлогот со условите од јавниот конкурс до 20 бода;
- капацитет на предлагачот, искуство во реализација на проекти од областа на културата, соодветност на лицата кои ќе учествуваат во реализирање на надлежностите по однос на образование и искуство во областа на културата, поставеност на систем на контрола на квалитетот и работењето до 40 бода; и
- план и програма за организирање и реализирање на манифестациите до 40 бода.
Пријавите со непотполна документација и доставени по предвидениот рок, нема да бидат разгледувани.
За делегираната надлежност помеѓу Општина Велес и здружението, ќе биде склучен договор во кој ќе се уредат меѓусебните права, обврски и одговорности за реализација на културната манифестација.
Во делот на потребните содржини кои треба да се составен дел од Програмата која треба да биде приложена како и за целокупната постапка, може да добиете информација на следната е-пошта:
Градоначалник
на Општина Велес
Марко Колев