Кај возрасни владее анксиозност, додека младите дијабетичари имаат проблеми со ретинопатија
По 25 години за прв пат во државата е направено истражување за квалитетот на животот на лицата со дијабет во однос на здравјето. Според резултатите постојат четири главни компликации поточно анксиозност и грижи, социјален живот, енергија и мобилност како и сексуален живот. Она што за прв пат излегува како податок е тоа што со анксиозност, поточно депресија, се соочуваат 62% од испитаниците. Аргументирајќи, Димче Велев, претседател на Сојуз на здружение на дијабетичари на Македонија, вели дека луѓето се во постојана паника и страв од предизвиците што ги предизвикуваат социјално економскиот и здравствениот аспект како и достапноста на терапијата.
-Втора сериозна област со којашто како проблем се соочуваат дијабетичарите е контролата на дијабетот. Неа ја посочиле 56.7% од испитаниците кои кажале дека контролата влијае врз квалитетот на животот. Третата област е проблемот со енергијата и мобилноста за која се изјасниле 52,9% додека 38,8% имаат проблем во сексуалниот живот како и 36,5% во социјалниот живот, додаде Велев.
Испитувањето е реализирано со вклучени 1400 лица од кои 100 се со дијабет тип 1, поточно млади дијабетичари до 20 години. Кај нив, како што вели Велев, приоритетен проблем е контролата на дијабетот.
-Младите бараат сензори, поточно системи за континуирано мерење на гликемија со цел да бидат мобилни и да можат да си ги вршат секојдневните обврски. Ако лицата со дијабетес 24 часа знаат колку им е нивото на шеќер во крвта исто така ќе знаат што треба да направат во моментот . Тоа ќе значи дека тие многу кратко ќе отсуствуваат од секојневните активности. На пример, еден ученик во средно образование доколку го има сензорот навремено ќе знае дали шеќерот му е висок или низок и ќе отсутвува само пет минути од наставата, а не цел ден, додаде Велев.
Резултатите од истражувањето во делот на компликации како последица на болеста ги покажаа побрзото развивање на ретинопатијата на очи, невропатските промени како и дијабетичното стапало кај децата додека кардиоваскуларните заболувања, анксиозноста, хипертензијата, невропатските и невропатските промени на бубрези како и дијабетично стапало кај возрасните дијабетичари.
Стефани Манева