Образовани, едуцирани, присебни и пожртвувани – четири одлики за успешни медицински сестри!
„Се соживувам со болката на пациентите. Грижата за нив секогаш ми е најважна. Не е тешко да се работи оваа професија, ако навистина ја сакаш“ . Вака ја започна својата изјава најхуманата медицинска сестра за 2012 година, кавадарчанката Снежана Галапчева. Таа работи на интерното одделението во градската болница на кое за да се спаси човечки живот од инфаркт или други болести потребни се знаење и брза интервенција.
„Медицинската сестра треба да биде емоционално зрела и стабилна личност, како би можела да ги разбере и да сочувствува со човечките проблеми, итните состојби, здравствените проблеми и етичките недоумици. Никогаш да не заборави на етиката и пред се секогаш да биде и остане човек,“ рече сестра Галапчева.
Таа првиот работен ден, на осумнаесет годишна возраст, го минала во детскиот диспанзер за да кратко потоа да биде прераспоредена на интерното одделение во болницата, каде сеуште работи.
Вели дека работата е тимска и во три смени. За неа тоа не било проблем. Секогаш била спремна да им помогне на пациентите што побрзо и полесно да закрепнуваат. Во разговорот, по повод денешниот меѓународен ден на медицинските сестри-техничари, 12 мај, сестра Галапчева рече дека стручно се надградувала и го афирмирала сестринството како должност кон професијата и здружението на медицинските сестри и акушерки.
Пациенти за Галапчева рекоа дека била медицинска сестра, секогаш насмеана и желна да помогне, а таа дека тоа воопшто не и е проблем бидејќи работи хумана професија која што тоа го бара. Нејзиниот апел гласи : „Сестрите секогаш да им помагаат на болните, оние на кои им е најпотребно нивното внимание и помош“.
Првата честитка до Галапчева стигна од претседателката на сестринското здружение во Кавадарци, Даниела Миленковиќ-Панова.
„Медицинската сестра ја има водечката улога во современото сестринство и во спроведувањето на адекватна здравствена нега. По тој повод, како и секоја година сестринското здружение избира најхумана сестра-акушерка, односно избира сестри кои со својата афирмација во сестринското здружение со својот ентузијазам и искуство нешто повеќе одскокнале и допринеле за сестринството. Тоа не значи дека има малку такви медицински сестри во нашата установа, туку овој избор има за цел да ги предизвика и мотивира сите сестри за што поголема посветеност и праведност кон болните како и за унапредување на сестринството. За 2012 година за најхумани сестри беа избрани сестра Весела Димова, вработена во Здравствен дом Кавадарци, во итната помош и сестра Снежана Галапчева, вработена во ЈЗУ Општа болница, интетно одделение“, рече Миленковиќ-Панова.
Таа им го честита денешниот ден на сите што ја работат оваа хумана професија./ А.Д