Лозарите брзаат да го дособерат родот од лозјата
Цела недела сите патишта низ тиквешијата водат до лозовите насади. Тракторите се активирани, а лозарите исплашени од најавите дека од утре ќе има промена на времето и повторно дожд, брзаат да го приберат годинашниот род на грозје. До крајот на ова недела познавачите велат дека ќе финишира годинашниот гроздобер.
Премсетките велат дека родот е намален и до 70 отсто, особена кај сортата вранец. Нејзината берба заврши, а лозарите од набраното се разочарани. Велат дека не паметат волку лоша година. Иако прскаа и по девет пати родот им пропадна.
Моментално се прибира смедеревката која е најмасовно застапена сорта, но и овде лошите временски услови имаат направено штети. Загубите кај оваа сорта се околу 20 отсто споредено со минатата година.
Општа е оценката дека годината лозарите ќе ја запаметат како една од најкатастрофалните, бидеќи потрошија многу пари во производството, а на крај нема да земат ништо.
Откупувачите останаа доследни на договорената цена која беше иста како лани.
„Покрај лошите временски услови кои го оштетија родот, годинава лошо поминавме и со цената. Трошоците за заштита беа неколкукратно поголеми споредено со лани, а цените беа лански. Ако ги сумираме резултатите слободно може да кажеме дека имавме многу лоша година во лозарството“ оценува првиот лозар Љупчо Аризанов. Тој и сите лозари се со единствен коментар, ваквата лоша година да не се повтори.
Намалениот род негативно ќе се одрази и врз работата на винарските визиби. И тие годинава купија помалку суровина споредено со лани, што значи ќе имаат и помало производство./А.Д
