КОЛУМНА: Срце од фероникел

Објавено на 20 октомври, 2014 во 08:08

Големото шампионско име на македонската кошарка, Фени Индустри од Возарци се враќа на старите патеки. Дека Кавадарци и годинава ќе биде неосвоив бастион на македонската кошарка, се почуствува уште на прес конференцијата оддржана на само неколку дена пред почетокот на новата сезона.

Досието на новата кошаркарска сезона во Македонија го отворивме на 10 октомври. Компанијата Фени Индустри им посака топло добредојде на кошаркарите кои сезонава ќе го носат шампионскиот дрес. За прв пат по подолго време се почуствува победничкиот дух кој спонзорот како нескриена емоција го има за оваа натпреварувачка кампања. Со поддршката од град Кавадарци, со верноста на Лозарите, и секогаш подготвената публика која не ги штеди дланките за да ги награди своите херои за секоја нова игра и

победа, на кошаркарите на Фени Индустри не им останува ништо друго освен експресното враќање на шампионските пехари во клубските витрини.

А зарем има поголем мотив да ги потврдите амбициите играјќи уште во воведното коло против актуелниот првак, МЗТ Скопје. Аеродром, нов спортски храм „Јане Сандански“, шампионска екипа со силна поддршка од сино-белите „Фемили“. Пред првиот свиреж на судиите, спортската новинарска фела веќе предвреме го прогласи победникот. Но, kошаркарскиот клуб Фени Индустри не тргна без своите адути. На крилата на своите најверни 200 лозари, студенти, вработени и случајни намерници кои таа среда беа во главниот град, избраниците на тренерот Љупчо Малинков беа цврсто решени целиот плен и првите два бода да ги донесат во своето Кавадарци.

Капитенот Горан Самарџиев, кој по една година повторно се врати дома, во ниту еден момент не се посомнева во победата, во квалитетот и пожртвуваноста на своите соиграчи, повратникот Бошко Јововиќ, секогаш подготвениот за надигрување Тони Симиќ, добро познатите на македонската кошаркарска јавност Димитар Караџовски, Јован Марковски, Дарко Радуловиќ и Томче Соколов, момците со американски пасош Кемп и Амонс, надежните Милков, Пајиќ и натурализираниот кавадарчанец Павле Николов, и поранешниот играч на Игокеа, Горан Гајовиќ. Изјавата на прес конференцијата на упрваниот одбор на кошаркарскиот клуб Фени Индустри се претвори во вистина. Големата победа над МЗТ покрај за Фени Индустри, имаше и големо значење за кавадаречката кошаркарска легенда Врбица Стефанов. Додека во Кавадарци се славеше големата победа, во главниот град на Република Македонија популарниот Врба и официјално беше назначен за нов предводник на сино-белите штркови.

Кавадаречките медиуми и спортски работници силно и се израдуваа на првата победа на Фени Индустри. Медиумскиот простор низ кавадаречкиот етер беше исполнет со изјавите и гостувањата на момците од победничката екипа, со ветување, дека во недела, на 19 октомври победата над екипата на Струмица ќе му ја подарат на градот Кавадарци.

Епизода втора. Старт 18 часот, спортска сала „Јасмин“ Кавадарци. КК Фени Индустри – КК Струмица. Уште еднаш тактиката и добро поставената одбрана на тренерот Љупчо Малинков се покажа како пресудни. Струмичани со наведнати глави го напуштија Јасмин во кој славјето го предводеа Лозарите. Тоа беше уште едно убаво неделно спортско попладне во градот на виното и песната.

Но, моменти за опуштање нема. Веќе следното коло кавадаречките миленици имаат тешко гостување во Гевгелија кај Кожув. „Ако одиграме компактно и одбраната биде на највисоко ниво како против МЗТ и Струмица, тогаш нема од што да се плашиме“ – ни изјави веднаш по натпреварот, тренерот Малинков.

Нашиот град заслужува во оваа нова натпреварувачка 2014/2015 сезона да се радува на нови спортски достигнувања, успеси и пехари, затоа што само небото е граница, а за се друго, тука се момците со срце од фероникел.

Душко Стефанов – „Досие“

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.