Колев: „Трајановски од ЈПДП за неколку дена ќе ги соопшти деталите за санација на мостот кај Башино Село, наша цел е мостот да биде безбеден за граѓани и сообраќај“

Што се случува на локацијата, што се работи на мостот на река Вардар кај Башино Село и кога ќе заврши неговата целосна санација која ќе им гарантира како на граѓаните сигурно и безбедно минување со автомобили така и на товарните камиони превоз на репроматеријали или производи од и во велешките компании го прашаше Дума.мк градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.
Градоначалникот пренесувајќи ги последните информации со кои располага околу целосната санација на овој мост, од витално значење за сообраќајот во и околу Велес, го најави скорото доаѓање на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски во Општина Велес и замоли во делот на соопштување на деталите да се почека уште неколку денови.
-На самата локација, на мостот, можете да забележите дека нешто се случува. Фирмата за санација е избрана и според мојте сознанија се работи за најдобрата македонска фирма за санација на мостови. Така што, граѓаните треба да се чувствуваат безбедно. Тука се деканот и професорите од Градежен факултет затоа што ние исклучително работиме со луѓе којшто ја знаат оваа проблематика. Зборувам за научници, за тим од професори и за најдобра фирма за санација на мостови чие што име за неколку денови ќе го соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, додаде Колев.
Сега, мостот кај Башино село функционира само со одвивање на сообраќај во средишниот дел којшто е регулиран со семафор. Семафорот ја одредува двонасочноста на сообраќањето на возилата и камионите. Ваквиот начин на функционирање на мостот ја олесни енормно зголемената фрекфенција на сообраќање низ централниот дел на Велес којшто од 3 јануари до 2 март, годинава, се гушеше и од загадување предизвикано од долги редици на возила дење како и од товарни возила во ноќните часови.
Убавка Јаневска
