Конечно се санира оштетениот дел од патот кон велешката населба Речани
Во завршна фаза е изградбата на потпорниот ѕид на свиокот на патот Велес – населба Речани што се наоѓа веднаш на удолницата крај бензиската пумпа на „Макпетрол“. Градежни работници работат на ѕидот што треба да го запре понатамошното свлекување на земјата од брегот и да спречи одронување на асвалтната подлога. ЈП „Македонија пат“ го одржа ветувањето дадено пред два месеци кога соопшти дека штом започне градежната сезона, на 15 март, веднаш ќе ја започне санацијата на оштетениот дел од патот.
-Градежната оператива на велешката фирма „Делта пром“ во изминатите денови ја започна и ја привршува работата на изградбата на потпорниот ѕид на оштетениот пат. Со изградбата се зајакнува патот, особено на свиокот, каде што се покажа одронот за целосно да се реши проблемот. Исто така направен е и одводот под патот поточно зафаќањето на водата што доаѓа преку атмосферската канализација од патот којшто се користи како влез или излез од Велес. Тој канал дополнително ќе се исчисти, рече раководителот Ѕвонко Коцевски на велешката подружница на „Македонија пат“.
Според Коцевски ќе следи асвалтирање на патот и поставување на соодветна заштита за безбедно одвивање на сообраќајот. Свиокот на патот се наоѓа на удолнина од која што се пристапува кон премин на железничката пруга Велес – Кочани. Исто така станува збор за фреквентен пат кој освен жителите на населбата Речани го користат и повеќе фирми во истоимената индустриска зона како и два хотели.
Убавка Јаневска