Македонците во Хрватска одбележаа: 82 години од издавање на стихозбирката „Бели Мугри“ на Кочо Рацин
Со полагање на свежо цвеќе и оддавање на почит пред бистата на македонскиот поет и револуционер Кочо Солев Рацин, во паркот пред Музеј на град Самобор, во Република Хрватска, членови на Заедницата на Македонци и Македонско културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб денеска ја одбележаа 82 годишнина од издавањето на стихозбирката „Бели Мугри“.
Настанот „Рацинов ден – Бели Мугри“ со којшто се одбележа годишнината од издавањето на стихозбирката се одржа денеска, 20 ноември, со почеток во 15 часот, во паркот на улица „Ливадичева“ број 7, што е дел од зградата на самоборскиот Градски музеј, во центарот на градот и кадешто се наоѓа бистата на Кочо Солев Рацин.
Пред присутните за животот и делото на македонскиот поет и ревулуционер говореше Горан Коров. Од настанот беа споделени фотографии на социјалните мрежи.
Покровители на настанот се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и Музеј на град Самобор.
Убавка Јаневска