Малите истражувачи од детската градинка „Димче Мирчев“ приредија спектакл за велешани (фото и видео)

Разиграни и распеани, сите облечени во костими со кои може да се отпатува некаде далеку, младите истражувачи од велешката градинка „Димче Мирчев“, вчеравечер, им приредија вистинско шоу на велешани. Горди родители, баби и дедовци, тетки и чичковци не ги штедеа дланките додека громогласно ракоплескаа на секое од следните детски патувања. А нивните најмили навистина добро работеле со своите воспитувачки и негувателки, во изминатиот период, кога истражувале и учеле за вчера вечер сето стекнато знаење да го пренесат преку песна и игра на сцената на Амфитеатар во Младински парк.

Овие идни првачиња, за час и половина, успеаа да отпатуваат далеку, да ја откријат Америка.
Преку примери на палeње на прв оган и значењето на гасиената ламба ја открија и електричната енергија. Децата прикажаа од колкава важност за човекот е фармацијата, како човештвото стигнало до првите фотоапарати, до телефоните но и до парите.
Малите истражувачи отпатуваа и до вселената, ни ги покажаа планетите но дел од нив не однесоа и до прекрасната Кападокија и шарените балони.


На годишната завршна приредба на велешката детска градинка, по скоро две годишен прекин поради пандемијата предизвикана од корона вирусот, Амфитеатарот во Младински парк беше преполн со публика. Сите присутни пееја и се забавуваа заедно со малите истражувачи.

Идни првачиња, тимот на Дума.мк, Ви посакува многу здравје и среќа. Да имате среќни училишни денови исполнети со многу забава, со стекнување на нови знаења и многу оценки петки. Секогаш да сте насмеани и никогаш да не престанете да истражувате и да го надополнувате сопственото знаење. Имајте убаво безгрижно лето и од наесен – Среќно првачиња!
Стефани Манева
Фото галерија:








