Митко Јанчев со убедлива победа и трет мандат како градоначалник на Кавадарци

Митко Јанчев го обезбеди својот трет мандат како градоначалник на општина Кавадарци, откако на последните избори оствари убедлива победа со сооднос од 7:1 во однос на својот противкандидат. Јанчев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, доби силна поддршка од граѓаните, кои повторно му ја доверија довербата да ја води општината.
Во својата прва изјава по прогласувањето на резултатите објавена на фејсбук профилот на Јанчев, тој ја истакна победата како заеднички успех на сите граѓани.
-По трет пат Кавадарци избра работа, чесност и резултати! Соодноста е неверојатна – 7:1 за работа, чесност и резултати! Оваа победа не е само моја, ова е победа на народот, на сите кои веруваат во подобро утре, во фер и посветена работа, во силна Македонија! Ви благодарам од срце за огромната поддршка, за довербата и љубовта што ја покажавте! Голема чест е повторно да го имам вашиот глас и вашата вера во мене и во тимот. Голема благодарност и честитки до советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, до сите кои застанаа зад оваа победа, со работа, со идеја, со срце и душа!Продолжуваме уште посилно, со истата љубов и со уште поголема одговорност. Кавадарци да биде пример за развој, чесност и успех! За Кавадарци, за Македонија, со срце и душа!, пишува Јанчев на својот официјален фејсбук профил.
Стефани Манева


