Млади велешани бараат „почист град“, од општината одговорија дека се сериозно посветени на подобра хигиена

Објавено на 26 април, 2022 во 17:38
Фото: Архива Дума.мк

Градот може да биде почист и поуреден од состојбата во која го доведуваат несовени граѓани, напишаа во анкетата најголем број од вкупно 20 млади велешани. Тие поставија повеќе прашања за Општина Велес и за ЈКП„Дервен“.

Најголем број од нив се однесуваат на отпадот што може да се забележи на секое подзаскриено место во Велес. Младите, во писмените прашања до надлежните, не одбегнаа да напишат дека и тие или поголем дел од нив треба да ја споделат одговорноста. Дел од нив побараа од надлежните да воведат систем за рециклирање на отпад.

Дума.мк, по слободен пристап на информации, побара одговор од Општина Велес. Одтаму одговорија дека заедно со ЈКП „Дервен“ се сериозно осветени градот да биде почист.

„Изминатиот период се поставени корпи за отпадоци на многу локации. Во однос на рециклирањето на отпадот општината во соработка со фирмата „Пакомак“ постави посебни контејнери за рециклирање на хартија и стакло, што значи постепено се работи на оваа проблематика но, во оваа насока неопходно е да се работи и на подигнување на свеста на граѓаните,“ пишува во одговорот на Општина Велес.

И покрај секојдневното настојување на вработените во јавното комунално претпријатие, од делот за одржување на градската чистота, скоро секоја вечер на градските тротоари, на улици,во делови покрај градската железничка пруга, на бреговите на река Вардар, во парковите и на јавното зеленило може да се забележат фрлени лименки од алкохолни и безалкохолни пијалоци, хартии од сендвички, пластични шишиња или ќесиња. Млади момчиња и девојчиња, коишто се движат низ улиците или седат на клупи во вечерните или ноќните часови оставаат  отпад и во присуство на граѓани.

Навиките не се менуваат во последните години па и децении во Велес. Последен масовен пример на негрижа беше забележан изминатава сабота, на 23 април, поточно на одбележувањето на празникот Христово воскресение кога освен во дворовите на црквите купишта од лушпи од варени јајца имаше и на тротоарите и во парковите во градот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.